Родители го тужат TikTok поради смртта на нивните деца, наводно предизвикана од вирален предизвик

Родителите на четворица британски тинејџери го тужат TikTok поради смртта на нивните деца, за кои тврдат дека биле резултат на вирален предизвик за онесвестување.
Фото: Solen Feyissa/Flickr

Во тужбата се тврди дека Исак Кеневан (13), Арчи Батерсби (12), Џулијан „Џулс“ Свини (14) и Маја Волш (13), починале во 2022 година додека го пробувале предизвикот за онесвестување, кој стана популарен на социјалните мрежи во 2021 година.

Правниот центар за жртви на социјалните медиуми со седиште во САД, во четвртокот во име на родителите на децата поднесе тужба за погрешна смрт против платформата за социјални медиуми TikTok и нејзината матична компанија, ByteDance.

Метју Бергман, основач на адвокатскиот центар за жртви на социјалните мрежи, рече: „Не е случајно што три од четирите деца кои починаа од самогушење откако беа изложени на опасниот и смртоносен предизвик за онесвестување на TikTok, живееја во ист град и сите тие одговараат на слична демографија.

„Алгоритмот на TikTok намерно ги таргетираше овие деца со опасна содржина за да го зголеми времето на нивниот ангажман на платформата и да ги зголеми приходите. Тоа беше јасна и намерна деловна одлука на TikTok која ги чинеше овие четири деца живот“.

Според TikTok, пребарувањата за видеа или хаштагови поврзани со предизвикот се блокирани од 2020 година. Платформата вели дека забранува опасни содржини или предизвици и има цел да ги отстрани пред да бидат пријавени, како и да ги насочи оние што бараат хаштагови или видеа во нејзиниот безбедносен центар.

Жалбата беше поднесена во надредениот суд на државата Делавер во име на мајката на Арчи, Холи Денс, мајката на Исак, Лиза Кеневан, мајката на Џулс, Елен Рум и таткото на Маја, Лиам Волш.

Во тужбата се обвинува TikTok дека е „опасен и зависен производ кој се продава како забавен и безбеден за децата, додека ги замавнува родителите во лажно чувство на сигурност“. Се вели дека TikTok промовира опасни шеги и предизвикувачки видеа на децата врз основа на нивната возраст и локација со цел да го зголеми времето на ангажирање на платформата за да генерира поголеми приходи.

Во тужбата понатаму се тврди дека TikTok им кажал на пратениците ширум светот дека предизвикот за онесвестување никогаш не бил на неговата платформа и „работи на отфрлање на веродостојните извештаи за деца кои биле изложени и умираат поради онесвестувањето и слични видеа со предизвик на платформата“. Се забележува дека другите опасни предизвици што се пронајдени на TikTok вклучуваат лекови, топла вода и оган.

Организаијата наведува дека родителите верувале дека TikTok е „забавна и безбедна платформа дизајнирана за деца и млади“, и тврди дека вклучените деца биле „самоуверени“ и „добро воспитани“ и дека немале претходни проблеми со менталното здравје.

Правниот центар за жртви на социјалните мрежи ги застапува семејствата кои веруваат дека нивните деца биле повредени од социјалните мрежи и има поднесено неколку други тужби против TikTok за смртта на деца и млади возрасни, вклучително и за промовирање видеа кои прикажуваат содржина на самоубиство, самоповредување и нарушувања во исхраната.

Адвокатската фирма ѝ помогна на Таваина Андерсон да ја тужи платформата во 2022 година, откако нејзината 10-годишна ќерка Најла, почина откако наводно учествувала во предизвикот за онесвестување. Апелациониот суд во САД го поништи отфрлањето на нејзиниот случај од понискиот суд во август 2024 година.

Во февруари минатата година, судскиот лекар пресуди дека Арчи „умрел како резултат на шега или експеримент што тргнал наопаку“ во неговиот дом во Саутенд-он-Си. Тој рече дека не може да го исклучи предизвикот за онесвестување, но истакна дека има „стотици други можности“.

Мајката на Џулс се залагаше за родителите да добијат законско право да пристапат до сметките на социјалните мрежи на нивните деца за да помогнат да се разбере зошто тие починале, откако таа остана без индиции за смртта на нејзиниот син во 2022 година.

Измените на Законот за онлајн безбедност, кои стапуваат на сила во ОК оваа година, експлицитно бараат од компаниите за социјалните медиуми да ги заштитат децата од соочување со опасни акробации и предизвици на нивните платформи, како и проактивно да ги спречат децата да гледаат ризични содржини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни