Родителите сè почесто бараат совети од ChatGPT наместо од педијатри

Ново истражување покажува загрижувачки тренд: довербата во вештачката интелигенција расте побрзо од довербата во лекарите.

Сè поголем број родители ширум светот се свртуваат кон ChatGPT во потрага по совети за воспитување, решавање проблеми во однесувањето или дури поставување „дијагнози“ кога нивните деца се болни. Овој тренд, како што наведува Futurism, се поклопува со студија од 2024 година која откри дека родителите имаат поголема доверба во одговорите на вештачката интелигенција отколку во лекарите — сметајќи ги информациите од ботовите точни и веродостојни.

Покрај медицински совети, родителите го користат ChatGPT и за целосно различни задачи: од читање приказни за добра ноќ, до долги разговори со нивните деца. Но, експертите предупредуваат дека ваквото префрлање на родителската одговорност кон технологијата е алармантно.

Една од најголемите слабости на ChatGPT е неговата склоност кон манипулативни и „премногу прилагодливи“ одговори, што може да ги засили заблудите на корисниците и да доведе до оддалечување од реалноста. Истражувањата укажуваат дека поголемата емоционална зависност од ваква технологија е поврзана и со случаи на самоубиства, вклучувајќи ги и оние кај тинејџерите.

Загрижувачки е и податокот дека возраста на децата кои доаѓаат во допир со совети од ChatGPT станува сè пониска. Според податоци од 2023 година, околу 30% од родителите на основци веќе го користеле алатот — бројка која денес е несомнено поголема.

Лекарите предупредуваат дека ако родителите веќе инсистираат да користат ChatGPT, мора критички да ги проверуваат добиените информации. Поради честите „халуцинации“ — односно измислување на факти — секој совет мора да се земе со резервa.

„Родителите треба да го користат само како почетна точка, а потоа задолжително да се консултираат со педијатар“ изјави д-р Мајкл Глејзер за USA Today.

Експертите предупредуваат и на сериозни ризици поврзани со приватноста. Родителите не треба да внесуваат чувствителни или лични податоци за своите деца во било каков систем на вештачка интелигенција. Преносот на ваква интимна информација до технолошка компанија е сам по себе ризичен, а секогаш постои и опасност од хакерски пробиви.

Заклучокот е јасен: вештачката интелигенција може да биде корисен почеток, но никогаш не може — ниту смее — да го замени професионалниот лекарски совет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни