Род и моден код во училишните правила на облекување

Пишува: Илја Лин Гладкова

„Така треба, а не залепени хеланки, голи мешиња, провокативни ко да имаат 20 години, на ништо не личат, ни учат ни слушаат само која од која поразголена“

„Така треба да биде! А не како да си во некој бордел“

„Нема да бидете порничарки, со хеланки и танга напикана в га*“

Ова се само 3 од илјадниците коментари под објавите за воведување на правила на облекување во училиштата, напишани од возрасни луѓе, а насочени кон малолетни девојчиња.

Се вели дека „облеката го прави човекот“ па жестоките дискусии околу облеката која ја носат учениците и како таа влијае на нивното однесување и карактер се очекувани. Реакциите се особено емотивни кога фокусот е ставен на облеката што ја носат девојчињата. Поводот за ваквите дискусии е секогаш пркосот на новите млади генерации наспроти веќе постоечките општествени вредности, но причината е историска приказна која зборува за потеклото на еден општествен проблем кој опстојува до денес, кој постојано ни е пред очи, но сепак успеваме некако да не го видиме.

Облеката е најчовечкото нешто кое не дели од животните, ниту користењето на алатки, ниту нашата интелигенција и разум не се толку ексклузивни за нашиот вид како што е облеката.

Од првиот момент кога луѓето се завиткале во крзно и животинска кожа, неповратно го промениле начинот на кој се гледаме и доживуваме самите себеси, но и како се гледаме и доживуваме меѓусебно. Облеката ја менува природната силуета на голото човечко тело, влијае на начинот на кој го држиме телото и го трансформира начинот на кој се движиме. Покривајќи го нашето биолошко тело, облеката станува наше општествено тело.

ОБЛЕКАТА, СРЕДСТВО ЗА ВЛАДЕЕЊЕ И КОНТРОЛА

Во антиката па сѐ до индустриската револуција во XVIII век облеката ја сигнализирала класата и општествениот статус.

Единствено владетелите, како најмоќни и најбогати, можеле да си дозволат облека од егзотични ткаенини, боени со ретки и скапи пигменти, додека обичните луѓе носеле облека во неутрални бои, од ткаенини кои самите ги произведувале. Уште на прв поглед се знаело кој е господар, а кој обичен смртник.

Со развојот на средновековните градови, во трговските и занаетчиските центри, се појавила буржоазијата која била доволно богата да си ги дозволи екстравагантните облеки на аристократите. Оваа новостекна слобода во изборот на облека им овозможувала на луѓето од буржоазијата да се изедначат по изглед со аристократите. Но, уште позначајно било што слободниот избор на облека им отворил можност да создадат идеали за индивидуална слобода и сопствена вредност во општеството. Сѐ повеќе трговци и занаетчии носеле свилени чорапи, балонести пантолони и високи потпетици како кралот. Нивните сопруги носеле екстравагантно декорирани фустани, дури и дијадеми како кралиците, сигнализирајќи дека се подеднакво важни како нив. Преплашени, дека ваквиот тренд ќе го наруши општествениот ред и поредок, и повеќе нема да се знае – кој е цар, а кој говедар, аристократите вовеле строги правила на облекување, а прекршувањето на правилата било казнувано со апсења, конфискување или уништување на облеката на лице место, и јавно засрамување на прекршителот.

Како што се развивала модната индустрија, и како што се создавале сѐ повеќе нови видови и дизајни на облека, така владеачката класа создавала нови и нови правила на облекување со цел да ја задржи и одржи сопствената позиција. Трката со постојано променливите модни трендови станала невозможна за аристократијата, ескалирајќи во доцните 1500ти години – кога венецијанскиот сенат донел закон со кој се забранувале сите нови модни трендови. Додека владетелите поставувале модни правила за да ги одржат сопствените позиции и општествениот поредок, модата се користела и како оружје за општествена промена, разнишувајќи ги постоечките вредности.

Со експанзијата на научните откритија во добата на просветлувањето и индустриската револуција, средновековните идеали за витештво, благородност и религиозен мистицизам се потиснале од емпиризмот, рационализмот и секуларизмот. Во таканареченото „големо машко откажување, кон крајот на XVIII век, мажите се откажале од гламуорозната ексесивно декорирана облека како симбол на застарените нерационални вредности и владеачки касти. Облекувајќи го триделниот костум – фрак, пантолони и кошула во неутрални и монохроматски бои, на сцена и цена ги носат рационалноста, трезвеноста, воздржаноста и трудољубивоста. Облеката која претходно означувала моќ и достојност да се биде владетел, сега се сметала за потфрлање на еден маж да биде рационален, а со тоа и неспособен да биде лидер.

РОД И МОДЕН КОД

Додека машката мода доживувала револуција, женската мода останала заглавена во екстравагантната декоративна естетика, сега симбол на несериозност, каприц, суетност и неспособност. Облеката била доказ дека жената, како фаличен маж, ја заслужува својата подредена положба во општеството. Сепак, пред да избрзаме со погрешни претпоставки, како жените самите го избрале својот моден, а со тоа и општествен пат и позиција, не смееме да заборавиме дека модата и нејзините закони, отсекогаш биле дефинирани од владеачката класа и високите општествени слоеви, составени речиси целосно од мажи. Не само што правилата на облекување биле поставувани од мажи, туку и модните креатори – кројачите биле мажи, очекувано и сите иновации во модните стилови биле насочени кон мажите, кои преку облеката ја покажувале и докажувале заслужената општествена моќ.

Од друга страна, женската мода доживувала иновација само кога некоја храбра модна икона од повисоките општествени слоеви ќе се дрзнела да ископира некои елементи од облеката на мажите. Се разбира, ваквиот пркос и прогрес секогаш бил во граници во кои дозволувале мажите, бидејќи со скандалозното внесување на мажествени елементи во својата облеката жените ја предизвикувале и разнишувале кревката родова хиерархија на моќ.

Денес постои перцепција дека модната индустрија и сите нејзини иновации се водени од жените. Но, ова е само една голема илузија произлезена од стереотипот кој го создале токму мажите од времето на индустриската револуција. Времето кога на жените, немајќи друг избор освен да ги следат правилата на облекување кои им ги поставиле мажите, им била доделена „природнаопсесија со облека и изглед.

И покрај тоа што иновациите во денешната мода навистина се насочени кон жените, сепак модата и нејзините закони сѐ уште се во рацете на мажите. Најголем број од модните креатори се мажи, директорите на модните компании се мажи, медиумските могули кои ни ја сервираат модата се мажи. Кога ќе видите симпатично облечена жена, таа симпатична облека постои само затоа што некој маж сакал да ја види на жена. 

Иако правилата на облекување постојат за сите, и за мажи и момчиња, и за жени и за девојчиња, овие правила воопшто не се еднакви. Додека мажите се облекуваат според она кое сакаат да го видат кај себе, жените и девојчињата се облекуваат според она што мажите сакаат или не сакаат да го видат кај нив.

Сѐ додека мажите и момчињата се облекуваат во склад со општествените норми за машкост и мажественост, за нив речиси и не постојат ограничувања во облеката, додека жените и девојчињата, покрај стандардот за женственост, мораат да задоволат уште многу различни општествени стандарди и очекувања кои им ги наметнуваат мажите. Кога мажот ќе креира нов стил, и ќе се облече во новиот стил, овој стил станува нов моден крик. Кога жена ќе се облече во нов стил, целото општество ја става под микроскоп, проверувајќи какви тоа сигнали испраќа со новата облека, кои општествени стандарди ги задоволува а кои ги разнишува, и што е најважно како сето ова е интерпретирано од мажите.

СЕКСУАЛИЗАЦИЈА НА ДЕВОЈЧИЊАТА, АНИМАЛИЗАЦИЈА НА МОМЧИЊАТА

Родовиот јаз помеѓу правилата на облекување можеби е најзабележлив во училишните средини каде се воведуваат вакви правила. Овие правила се водени од желбата за контролирање на однесувањето на учениците, како и сузбивање на бунтовноста. Истите се базирани во идејата дека облеката не само што го отсликува карактерот, туку дека преку нејзе проблематичните однесувања може да бидат корегирани.

Во 50тите и 60тите години во САД, кампањите против „малолетничка деликванција“ во училиштата биле одбележани со слоганот „Облечи се правилно, однесувај се правилно“. На девојчињата им била пропишана точна должина на здолништата, и им било забрането да носат пантолони (slacks), а на момчињата им биле забранети фармерки, моторџиски чизми и кожни јакни кои во тоа време се поврзувале со банди и се сметале за „опасна“ облека.

И денес од момчињата и девојчињата се бара, прво – облеката да биде чиста и уредна, второ – да не наликува на облека која сигнализира припадност кон банди и опасни однесувања. Генерално за момчињата тука завршуваат ограничувањата, но за девојчињата покрај овие две правила, постои и правилото за скромност и непровокативност.

Ако погледнеме некои од постерите со правила на облекување од училиштата кај нас и од западните земји, ќе забележиме дека речиси целите постери се посветени на правилата поврзани со женската облека. Конкретно поврзани со облека која не го крие доволно телото на девојчињата, поточно стомакот, деколтето, рамениците и колената, како и припиена облека. Дури и кога постои правило против кратки пантолони за момчињата, ваквото правило е од тотално различни побуди за момчињата наспроти девојчињата.Кратките пантолони за момчињата се сметаат за премногу лежерни и секојдневни, не доволно „професионални за училишната средина, но никогаш не се третирани како провокативни. Додека кратките пантолони и здолништа кои не ги покриваат колената како и остантата откривачка облека за девојчињата се смета за провокативна.

Ако досега не го направивте тоа, слободно истресете ја наеженоста од сопствената кожа. Сосем е нормално и здраво човек да се наежи кога во една реченица ќе ги најде зборовите „провокативно“ и „девојчиња“ заедно.

Третирањето на возрасните полнолетни жени како сексуални објекти е штетна, опасна и згрозувачка историски нормализирана пракса која опстојува до ден денес, но сексуализацијата на женските и женствените тела добива нови размери на морничавост кога се работи за девојчиња и тинејџерки.

Од друга страна, постои верувањето дека мажите и момчињата, особено тинејџерите се како животни, млади мажјаци во сезона за парење, кои водени од напливот на тестостерон не можат да ги совладаат и контролираат сопствените природни сексуални нагони доколку видат разголени женски раменици, колена, стомак и деколте.

Кога недоволно покриените инхерентно сексуални тела на девојчињата ќе се спојат со природно нескротливите сексуални нагони на момчињата, имаме рецепт за хаос од космички размери. Барем така сметаат многу училишни администратори, наставници, професори и родители, кои во правилата на облекување гледаат спас од „моралниот распад“ на младите, но и надеж за спречување на сексуално вознемирување и насилство.

Сепак, училишните правила на облекување кои ги таргетираат девојчињата не само што не го спречуваат сексуалното насилство, туку го нормализираат и оправдуваат.

КУЛТУРА НА СИЛУВАЊЕ

„Имавме многу сексуално вознемирување, во зависност од облеката која ја носеа децата. За жал, секогаш се сведува на тоа што носат девојчињата, аам… не е фер, но реалноста е дека девојчињата носат одредени работи кои можеби се откривачки, или аам… можеби… звучи како со носење на таквата облека самите си го барале, што не е нешто што сакам да го кажам, но одредени облеки кои ги носеа, аам… создадоа ситуација во која момчињата дофрлаа недолични коментари“ – Изјава на директор на средно училиште во САД за „Срамота: Документарец за училишни правила на облекување“

Колку и да се обидува да го измазни тоа што го кажува, без разлика колку „аам…“ паузи ќе направи,господинот“ директор го кажува токму тоа што не сака да го каже, дека ДЕВОЈЧИЊАТА САМИТЕ СИ ГО БАРАЛЕ.

Оваа парола, поинаку позната и како „сама си го барала“ е во сржта на културата во која сексуалното насилство, против девојчињата и жените, е нормализирано и банализирано, прифатено и оправдано, или недоволно предизвикано, преиспитано и осудено од општеството во целост.

Можеби ви се чини неверојатно постоење на таква култура, поради широко распространетото верување дека „само пореметен човек може да смета дека сексуалното насилство е во ред“. Или, пак, мислите дека сексуалното насилство и силувањето се екстремни и ретки случаи кои се случуваат некаде далеку од нас, во рурални средини и неразвиени делови од светот. За жал тоа е така само во теорија. Како што покажува статистиката, реалноста е драстично различна.

1 од 8 девојчиња доживуваат сексуално насилство или силување пред да наполнат 18 години.

Ако се земе предвид така нареченото „бесконтактно“ сексуално насилство, како вербално и он-лајн насилство, тогаш секое петто девојче на возраст до 18 години е жртва на сексуално насилство.

И овие бројки се многу помали од реалните, од една страна бидејќи жртвите не пријавуваат поради срам и страв, од друга страна поради недостаток на податоци за бесконтактно сексуално насилство, кое за жал ретко се смета за „вистинско“ насилство.

Потсетете се само на сите дофрлања на недолични коментари, повлекување за коса или „шеговито“ подигнување на здолниште кое сте го доживеале, сведочеле, или доколку сте маж – сте го направиле кога сте биле дете.

И што правиме во врска со ова?

Се разбира вината и одговорноста за злоделото ја префрламе од сторителот – мажите и момчињата, на жртвата – жените и девојчињата.

Момчињата ги задеваат девојчињата за нивниот изглед со недолични сексуални коментари и во училиштата и на улица, во пријателските кругови и во домовите. Кој е одговорот на возрасните? – Епа така ти е кога носиш кратка сукња, ти се гледаат рамениците. Облечи се, покриј се.

Момчињата се кикотат на навредливи и непристојни сексуални досетки за жените и девојчињата. Што велат возрасните? – Фраер, мажиште на тато. Момчиња се, таква им е природата.

Мажите и момчињата го прават горенаведеното, а другите мажи и момчиња не ги предизвикуваат, напротив премолчуваат дури и поддржуваат.

А жените и девојчињата? Тие мораат да ја играат играта во која секогаш ќе бидат губитници. Општеството им одредува како треба да изгледаат нивните тела, им диктира правила на облекување, кои да се потсетиме, ги создаваат мажите.

Мажите ја диктираат женската мода според она што сакаат да го видат на жените. Жените и девојчињата ја носат облеката која мажите сакаат да ја видат на нив. Жените и девојчињата се виновни и одговорни за насилството кое го прават мажите поради изгледот кој им го диктираат мажите.

РАДИКАЛНИ МИСЛИ

Имам предлог!

Како би било да престанеме да ги индоктринираме девојчињата со модни закони? Да престанеме да им ја одземаме и онака релативно ограничената слобода на изразување преку облека која за нив ја дизајнираат мажите. Да престанеме да бараме од нив да бидат што повеќе скромни и покриени за да не предизвикаат „нечисти“мисли кај момчињата (и мажите). Редно е и да престанеме да ги користиме во една реченица зборовите „девојче“ и „провокативност“ заедно. Можеби да престанеме да ги третираме телата на девојчињата како „природно срамни“, поради идејата дека секој можен дел од нивното тело предизвикува сексуална возбуда кај момчињата (и мажите).

Кога девојче носи мини здолниште на училиште, а момчињата ќе почнат да ѝ свиркаат или дофрлаат невкусни забелешки за нејзиниот изглед, како би било во тој случај возрасните да ги опоменат момчињата за недоличното однесување, наместо да го критикуваат девојчето за облеката која ја носи.

Како би било да престанеме да бараме одговорност од девојчињата за недоличното и насилно однесување на момчињата?

Да престанеме да ги третираме момчињата како животни без никаква самоконтрола и мисла подалеку од сексуалните нагони, и да почнеме да бараме да преземат одговорност за сопствените постапки. Да ги депрограмираме од традиционалното стандардно воспитување дека девојчињата не се подеднакво вредни како нив. Дека нивните потреби и желби имаат приоритет над потребите и желбите на девојчињата. Да ги одучиме дека девојчињата им се секогаш достапни за нивно задоволство и дека само треба да посегнат по нив.

Што велите, да ги научиме дека „НЕ“ значи НЕ и дека тука треба да се откажат? Дека „ДА“ не секогаш е ДА и дека девојчињата имаат право и можат да се премислат, а кога „ДА“ ќе премине во „НЕ“ треба да се почитува без никаков приговор или преиспитување.

Да ги научиме и девојчињата и момчињата дека сексуалната привлечност е сосем природна, и дека е во ред да почуствуваш нешто кога ќе видиш момче или девојче кое ти се допаѓа, но дека постојат здрави начини како да постапиш кога некој те привлекува.

Како би било да ги  учиме момчињата да не премолчуваат кога ќе сведочат како нивните другари се изживуваат врз некое девојче? Да ги учиме да ги преиспитаат и искритикуваат другарите кои се кикотат на вулгарни досетки кои ги омаловажуваат и сексуализираат жените и девојчињата.

Додека се шири паника и страв од сеопфатното сексуално образование (ССО), како нешто што би ги сексуализирало децата,  девојчињата продолжуваат да трпат константно насилство кое потекнува од историската сексуализација на женските тела. Незнаејќи како да се справат со насилството кое го сведочат, возрасните, родителите и наставниците, прибегнуваат кон воведување на правила за облекување кои само ја продолжуваат традицијата на сексуализација и го продлабочуваат проблемот.

Биди скромна и женствена, но не и провокативна, им се вели на девојчињата. Постојано им се испраќа порака дека нивното тело е нешто од кое треба да се срамат и постојано да внимаваат и да бидат свесни како изгледа нивното тело и како може да биде интерпретирано од момчињата и мажите. Сѐ додека женското тело се перципира како  сексуален објект, инхерентно грешно и срамно, кое како такво мора да биде покриено, културата на силување ќе цвета.

За да го решиме проблемот, нешто мора да се промени, но тоа не е облеката на девојчињата.

Литература

Ford, R. T. (2021). Dress codes: How the laws of fashion made history. Simon & Schuster.

de Casanova, E. M. (2015). Buttoned up: Clothing, conformity, and white-collar masculinity. ILR Press.

Shame: A documentary on school dress code. (2015). Maggie Sunseri, independent production.

Buchwald, E., Fletcher, P., & Roth, M. (Eds.). (1993). Transforming a rape culture. Milkweed Editions.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни