Радиоактивното гориво и другите материјали во реакторите се стопија по големиот земјотрес и цунамито во 2011 година, кое го оштети системот за ладење.
Операторот на електраната, Tokyo Electric Power Company Holdings, претходно користеше мали роботи за да ја истражи внатрешноста на реакторот, но ова е прв пат робот да треба да земе примерок од стопениот радиоактивен отпад.
Мисијата треба да го означи почетокот на најтешкиот дел од повеќедецениското гасење на електраната.
Првично беше планирана за 22 август, но беше одложена поради лошо поставените цевки низ кои роботот треба да стигне до реакторот. Роботот, кој се вика „телеско“ и кој е управуван далечински, треба да собере примерок кој тежи нешто помалку од три грама. За таа акција се очекува дека ќе му биде потребно околу две недели.
Се проценува дека во трите реактори во Фукушима останати се околу 880 тони стопено радиоактивно гориво.
Владата и операторот на електрната имаат поставено цел за 30 до 40 години да ја „исчистат“ електраната, иако критичарите велат дека таа цел е нереална. Одлуката за плановите за целосно отстранување на стопеното гориво или неговото складирање се уште не е готова.
Извор: Н1