Американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди најави голема федерална иницијатива со цел да се идентификуваат факторите што стојат зад она што тој го нарече „епидемија на аутизам“, а резултатите се очекуваат до септември 2025 година.
„До септември ќе знаеме што ја предизвика епидемијата на аутизам и ќе можеме да ги елиминираме тие ризици. Покренавме масовни тестирања и истражувања, во кои ќе бидат вклучени стотици научници од целиот свет“, изјави Кенеди на состанок на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Кенеди ја истакна итноста на проектот, наведувајќи го наглиот пораст на дијагнози на аутизам кај децата во последните децении.
Според податоците на Центарите за контрола и превенција на болести (CDC), во САД 1 од 36 деца има дијагноза од аутистичниот спектар, бројка што значително се зголемила, најчесто поради подобрена свест и проширени дијагностички критериуми.
Во февруари, Трамп нареди формирање на комисија „Да ја направиме Америка повторно здрава“, каде Кенеди и други министри треба да испитаат низа здравствени теми – од аутизам и астма кај деца до употребата на лекови за хиперактивност и слични нарушувања.
Иако научниците со децении истражуваат кои генетски и општествени фактори придонесуваат за аутизам, причините за поголемиот дел од случаите остануваат нејасни, наведува Гардијан. Националните институти за здравје (NIH) веќе вложуваат над 300 милиони долари годишно во истражувања, фокусирајќи се главно на генетски и пренатални влијанија.
Кенеди не даде детали за обемот на „масовните тестирања“ ниту прецизираше кон кои ризици е насочена иницијативата. Тој е одамна познат по сомнежите во безбедноста на комбинираната MMR вакцина (за морбили, заушки и рубеола). На минатонеделниот состанок на кабинетот, ја минимизираше смртта на ученик од морбили во Тексас – прв ваков случај во последните 10 години – нарекувајќи ги епидемиите „вообичаени појави“, без да ја спомне улогата на вакцинацијата во спречување на болестите.