Рим ќе им наплаќа на туристите пристап до фонтаната ди Треви

Туристите од февруари ќе мора да платат две евра за да добијат пристап и одблиску да ја разгледаат една од најпознатите туристички атракции во Рим фонтаната ди Треви.
Фото: Fred Romero from Paris, France, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Со оваа мерка, градот очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра, соопшти денеска градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтиери.

Бесплатен пристап до ова барокно ремек-дело и понатаму ќе имаат само жителите на италијанската престолнина. Фонтаната ќе може да се разгледува од далечина без надомест, но пристапот одблиску ќе биде дозволен исклучиво за лица со купен билет, појасни градоначалникот на прес-конференција.

„Од 1 февруари воведуваме наплата на влезници за шест локации во Рим“, изјави Гвалтиери, додавајќи дека влезот за останатите пет локации ќе чини пет евра.

Фонтаната ди Треви е едно од најпосетуваните места во Рим, со просек од околу 30.000 посетители дневно. Таа стекна светска слава и преку филмот „La Dolce Vita“ на Федерико Фелини, во кој Анита Екберг во култната сцена го повикува Марчело Мастројани да ѝ се придружи во фонтаната. За многубројни туристи, посетата на ди Треви е меѓу главните точки при разгледување на Вечниот град.

Фрлањето паричка во базенот на фонтаната, како симболично исполнување желба, е долгогодишна традиција од која корист имаат и градските власти. Секоја недела се собираат илјадници евра во монети, кои потоа се донираат на „Каритас“.

Гвалтиери изјави дека во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот непосредно пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи, што претставува просек од 30.000 луѓе дневно. Тој потсети дека градските власти претходно најавиле планови за регулирање на пристапот поради пренатрупаноста, како и поради проблемите со џепчии во тој дел од градот.

Градскиот совет процени дека со наплатата на влезници за фонтаната ди Треви годишно би можеле да се остварат приходи од околу 6,5 милиони евра. Италија веќе спроведува слични мерки и на други туристички локации, во 2023 година беше воведена наплата за влез во Пантеонот, а Венеција минатата година воведе туристичка такса за пристап до центарот на градот во периоди на најголем туристички метеж.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни