Поскапувањето на дизелот поради нарушувањата во испораките низ Ормускиот Теснец нанесе тежок удар врз рибарската индустрија, а најмалку половина од холандската флота оваа недела не испловила, предупредуваат претставници на секторот.
Ситуацијата е особено тешка во Холандија поради големиот број гредни рибарски бродови, кои сочинуваат околу седум проценти од флотата на Европската Унија, пренесува Index.hr.
80 до 90 отсто од рибарските бродови останале во пристаниште
Оваа недела 80 до 90 отсто од рибарските бродови останале во пристаништата, предупредува здружението VisNed.
До почетокот на војната на 28 февруари, неделните сметки за гориво се движеле меѓу 12.000 и 13.000 евра, а сега се искачиле на околу 30.000 евра, што е приближно еднакво на вредноста на рибата што брод може да ја улови во овој период од годината и не остава простор за исплата на платите на екипажот, вели портпаролот на здружението на холандски рибари Дурк ван Туинен.
„Сметката за гориво сега е еднаква на приходот – тоа едноставно не функционира“, нагласил Ван Туинен.
Флотите низ Европа работат на граница на исплатливост
Холандските рибари не се единствени во оваа неволја.
И Белгија и Велика Британија користат гредни рибарски бродови за лов на риби како бакалар и ослиќ, вели извршниот директор на Europêche, претставничкото тело на рибарите во ЕУ, Даниел Восес, истакнувајќи дека флотите низ Европа работат на граница на исплатливост.
Водечките рибарски земји Шпанија, Италија и Франција вовеле скромни мерки за поддршка, но горивото поскапело за 70 проценти и многу бродови не се подготвени да испловат, објаснува Восес.
Претставници на рибарската индустрија оваа недела се сретнале со еврокомесарот за рибарство Костас Кадис, барајќи повторно да се ублажат правилата за државна помош, како што беше направено и за време на енергетската криза.
„Рибата може да исчезне од менито“
Портпаролот на здружението на холандските рибари предупредува дека непосредниот ефект ќе го почувствуваат и потрошувачите.
Цената на листот на аукција веќе пораснала од околу 12 на 18 евра, посочува тој.
Рестораните во такви услови би можеле да ги намалат порциите за да заработат, а многу други едноставно ќе престанат да купуваат, па рибата би можела да исчезне од менито, предупредува Ван Туинен.