Синот на последниот ирански шах, Реза Пахлави, објави видео-порака во која ја претстави својата визија за иднината на Иран, доколку дојде на власт, во услови на длабока политичка и општествена криза во земјата.
Во видеото, објавено на социјалната мрежа X, Пахлави најави дека меѓу неговите први потези би било официјалното признавање на Израел, нормализација на односите меѓу Техеран и Тел Авив, како и целосно укинување на иранската нуклеарна програма.
„Слободен Иран ќе соработува со глобалните и регионалните партнери во борбата против тероризмот, организираниот криминал, екстремниот ислам и шверцот на дрога“, изјави Пахлави.
Надворешна политика и „Кирови договори“
Особено внимание привлече неговиот осврт на надворешната политика. Пахлави истакна дека односите со САД би се подобриле, а „пријателството меѓу иранскиот и американскиот народ би било обновено“.
Тој најави и проширување на таканаречените Авраамови договори, кои ги поврзуваат Израел и дел од арапскиот свет, во нова рамка што ја нарече „Кирови договори“ (Cyrus Accords), со цел вклучување на Иран во регионалната дипломатска архитектура.
Ограничена поддршка и скептицизам од Вашингтон
И покрај ваквите најави, перспективите за негово враќање на власт остануваат неизвесни. Американскиот претседател Доналд Трамп во изјава за Ројтерс посочи дека „не е уверен“ дека Пахлави располага со доволна поддршка во самото иранско општество за да ја преземе власта.
Трамп претходно изјави и дека ситуацијата во Иран покажува знаци на стабилизација и дека добива „позитивни извештаи“ за начинот на кој властите се однесуваат кон демонстрантите, со што, барем засега, ја исклучи можноста за директна воена интервенција на САД.
Изјавите на Пахлави доаѓаат во период на масовни протести низ Иран, кои траат со недели и предизвикуваат остри реакции од меѓународната заедница. Иако тој со години настојува да се позиционира како алтернатива на актуелниот режим во Техеран, останува отворено прашањето дали има реална политичка тежина внатре во земјата.
