Сончев ден во Мароко, а мал, зелен автомобил со чудна форма се пробива низ густите шуми, планинските патеки и пустинскиот песок, напојуван само од сонцето што сјае над него.
Тест возењето од 1.000 километри на „Stella Terra“, првото теренско соларно возило во светот, според неговите производители студенти од Технолошкиот универзитет во Ајндховен, е успешен, со тоа покажале изводлив потенцијал на одржлив транспорт.
„Не го штедевме автомобилот за време на тестот. Тргнавме од северот на Мароко и возевме преку илјада километри низ различни пејзажи за да го завршиме нашето патување во Сахара – и целата енергија што му е потребна на возилото ја добивме од сонцето“, објасни Брит ван Хулст, менаџер за финансии на тимот.
Автомобилот е дизајниран за груби и диви терени и е способен да помине над 630 километри на ден ако грее сонце, но сепак улога игра и теренот.
Автомобилот Stella Terra ја користи сончевата енергија преку панелите на покривот што значи дека нема потреба да застанува на станици за полнење.
Тестот кој воедно беше и патување за тимот кој работеше на ова револуционерно возило заврши на 15 октомври, а Stella Terra помина одлично, без поголеми оштетувања и промени. Единствено се замени, велат од тимот, шипка кај воланот која за време на возењето пукнала.
Сепак тимот од студенти е горд што нивното возило ги надмина очекувањата, користејќи дури 30 проценти помалку енергија од очекуваното.
Преку својот модел тие сакаат да потенцираат и дека користењето на сончевата енергија на ваков директен начин е многу поефикасен, отколку е-автмобилите кои мораат да застануваат на станици за да ја полнат батеријата.
„Реално многу е тешко во денешни услови да се направи енергетски ефикасен автомобил кој може да ги задоволи во целост сите критериуми, а камо ли во него да се интегрираат и соларни панели. Се уште не сум видел некој да го прави тоа“, вели Мартен Штајнбух, експерт за мобилност. и професор на Универзитетот за технологија во Ајндховен.
„Очекувам дека за пет до десет години електричните автомобили ќе бидат дел од целиот наш енергетски систем. Преку нив ќе се произведува електрична енергија за домаќинствата. Иновациите на Соларниот тим Ајндховен може да ја променат иднината“, додаде тој.
Извор: euronews.com