Револт, тага и болка: Илјадници студенти пред платото на УКИМ оддадоа почит на трагично загинатите во Кочани

Собирот започна со седум минутен молк во 12 часот, а временските услови не ги спречија студентите да се соберат во голем број и да запалат свеќа, да се потпишат во книгата на жалост, како и да остават цвеќе за жртвите. Се чувствуваше тежината на моментот, но и силата на студените кои по долго време се собраа во толкав број, со желба за поддршка на повредените, надеж дека овие трагедии нема да се повторат и барање за правда

Платото пред УКИМ денес беше полно со студенти кои се собраа точно во 12 часот за да изразат сочувство кон загинатите во трагедијата во Кочани и да ја покажат својата поддршка за побрзо закрепнување на повредените.

Собирот започна со седум минутен молк во 12 часот, а временските услови не ги спречија студентите да се соберат во голем број и да запалат свеќа, да се потпишат во книгата на жалост, како и да остават цвеќе за жртвите. Собирот беше организиран како знак на солидарност и сеќавање за трагедијата што се случи вчера во дискотеката во Кочани.


На собирот присуствуваа министерката за образование и наука, Весна Јаневка и ректорката на Универзитетот, Биљана Ангелова.

Студентскиот кампус беше преплавен со тишина, солзи и тага. Говорот на министерката беше на моменти исвиркан, а потоа и прекинат од повици за брза помош, а на неколку студенти им се слоши, што доведе до прекин на говорите. Екипи на брза помош пристигнаа во кампусот.

Чувството на болка и револт беа присутни во воздухот, а лицата на студентите беа исполнети со тага и неутешна болка. Се чувствуваше тежината на моментот, но и силата на студените кои по долго време се собраа во толкав број, со желба за поддршка на повредените, надеж дека овие трагедии нема да се повторат и барање за правда. За држава во која правниот систем ќе остане императив.

-Се чувствувам многу загрозен бидејќи секој од нас може да е следен и да му се случи истото. Јас било кој од овие кои се тука може да биде наредна жртва. Не се чувствуваме безбедно. Овде сме денес за да дадеме почит и за да кажиме дека мора некој да се чувствуваме безбедно во нашиот град. Што треба да се направи во врска со тоа? Поголеми регулации на сообраќајници, на институциите, на министрите, на министерствата, на образованиета, на се, на апсолутно на се. Ни требаат повеќе инспекции, поголеми казни- вели студент од Филозофскиот факултет кој денес беше на протестот.

Заедничката настава и собирите на студентите ќе продолжат сѐ до 21 март 2025 година, секој ден, почнувајќи од 12 часот, на кампусите на УКИМ, како дел од поддршката и сеќавањето на загинатите и повредените.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни