Репресија врз слободата на говор: Повеќе лица останаа без работа поради реакции на убиството на Чарли Кирк

По убиството на Чарли Кирк, десетици лица во САД се отпуштени или санкционирани поради објави на социјалните мрежи. Властите и десничарски групи спроведуваат остри мерки против критички говор.

Реакциите на социјалните мрежи по убиството на радикалниот десничарски активист Чарли Кирк доведоа до откази или дисциплински мерки за повеќе лица, додека властите во неколку американски сојузни држави ја засилуваат контролата врз критичките коментари.

Меѓу оние кои во последните неколку дена биле отпуштени, суспендирани или јавно критикувани поради своите ставови се наставници, пожарникари, новинари, политичари, вработен во Тајната служба и работник во познат тим од НФЛ лигата.

Владата на Трамп најавува санкции

Отказите доаѓаат во време кога администрацијата на Доналд Трамп најавува санкции против странски државјани кои, според нив, „ја слават, оправдуваат или минимизираат“ смртта на Кирк — иако самиот Кирк важеше за силен поддржувач на слободата на говорот.

Министерот за одбрана Пит Хегсет издал наредба персоналот да ги идентификува членовите на војската и поврзани цивили кои исмеале или оправдувале убиството на Кирк, објави NBC News. Неколку припадници на армијата се веќе тргнати од должност, додека „десетици други“ се повикани на одговорност поради активност на социјалната мрежа X (поранешен Twitter).

Притисок и закани од десничарски активисти

Неколку конзервативни јавни личности и групи собираат и објавуваат коментари кои ги сметаат за „неприфатливи“.
Трамп-лојалистката Лора Лумер напиша на X:

„Подгответе се да ви бидат уништени сите професионални амбиции ако сте толку болни што ја славите неговата смрт. Ќе се покаете што некогаш сте прозбореле.“

Активистот Скот Преслер, со над 2,3 милиони следбеници, повикува на откривање наставници кои наводно ја славеле смртта на Кирк, објавувајќи и каде работат.

Во Флорида, Државниот одбор за образование испрати меморандум со предупредување до училиштата да не објавуваат лични ставови што може да го нарушат довербата кај учениците и нивните семејства.

Двајца наставници од округот Клеј се отстранети од наставата и ставени под државна истрага. Една наставничка објавила линк до вест за убиството со коментар: „Ова можеби не е осмртница на која сите се надевавме, но ми е блиску до врвот.“ Друг наставник, алудирајќи на коментар на Кирк од 2023 година дека вреди да има „неколку смртни случаи од огнено оружје секоја година“ за да се заштитат уставните права, напишал: „37 години во јавно образование, подготвен сум да примам куршум за моите деца. Не, нема да пуштам солза – тој избра да се жртвува. Карма е гадна работа.“

Истакнати откази и казни

Најпознатиот отпуштен е политичкиот аналитичар Метју Дод, кој доби отказ од MSNBC откако во живо изјави дека радикалната реторика на Кирк можеби придонела за насилството што го убило.

„Мислите исполнети со омраза водат кон зборови со омраза, а тие водат кон дела со омраза“, рече Дод.
„Не можете да ширите омраза и да очекувате дека ништо лошо нема да се случи.“

MSNBC и Дод подоцна се извинија, но во текст на Substack, Дод објасни дека станал мета на „десничарски медиумски линч“ и дека неговите зборови биле погрешно разбрани, бидејќи зборувал пред да дознае дека Кирк бил убиен.

Меѓу отпуштените има и агент на Тајната служба кој напишал дека Кирк „ширел омраза и расизам“ и дека „не можеш да ја избегнеш кармата“.

Американскиот фудбалски тим Carolina Panthers го отпушти својот комуникациски координатор кој на Instagram напиша:

„Зошто сте тажни? Вашиот човек рече дека вреди.“

Весникот The Hill пренесува и други случаи – медицински сестри, универзитетски вработени и други лица кои се отпуштени или дисциплинирани поради свои коментари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни