Во 13 мали пловила, вкупно 803 мигранти во саботата го преминале каналот Ламанш од Франција кон Велика Британија, покажуваат најновите податоци на британското Министерство за внатрешни работи.
Ова е рекорден број за еден ден во декември во последните години.
Се смета дека причина за тоа се 28-те дена силни ветрови кои неодамна го отежнувале патувањето со мали пловила, поради што многу нелегални мигранти биле задржани и чекале поволни услови за премин, објави британската телевизиска мрежа Би-Би-Си (BBC).
Со ова, вкупниот број на мигранти кои оваа година илегално пристигнале во Велика Британија се зголеми на 41.455, што е повеќе отколку во целата 2024 година, кога биле регистрирани 36.816 лица.
Најголем број мигранти пристигнале во 2022 година – вкупно 45.755.
Британската влада соопшти дека вратила 50.000 лица кои пристигнале нелегално, но не прецизираше за кој временски период станува збор. Таа како историски значаен го истакнува договорот со Франција, според кој мигрантите што пристигнуваат со мали пловила од Франција ќе бидат вратени назад.
Поморската префектура на Ламанш и Северното Море соопшти дека за време на викендот 151 лице било пронајдено во мали пловила на море и вратено во Франција.
Хуманитарните организации кои им помагаат на мигрантите во Кале, Франција, велат дека бројот на луѓе таму е невообичаено висок за ова време од годината. Тие чекаат да го преминат Ламанш – една од најопасните миграциски рути во светот, делумно поради временските услови, а делумно поради интензивниот сообраќај на големи бродови.