Вкупно 129 новинари и медиумски работници биле убиени во текот на минатата година ширум светот, соопшти Комитет за заштита на новинарите, повикувајќи се на годишната анализа на организацијата.
Според извештајот, 2025 година претставува најсмртоносна година откако Комитетот започнал да води статистика пред три децении. И претходната, 2024 година, беше рекордна со 124 убиени новинари, но бројката лани дополнително се зголемила.
Организацијата наведува дека најголем број од жртвите се регистрирани во војната во Газа, каде животот го загубиле 86 новинари и медиумски работници.
Во војната во Украина биле убиени четворица новинари, додека девет претставници на медиумите загинале во конфликтот во Судан.
Во соопштението се наведува дека израелската армија во овој период извршила повеќе целни убиства на новинари од која било друга владина армија досега, при што повеќето од убиените биле палестински новинари и медиумски работници во Газа.
Комитетот за заштита на новинарите повика на одговорност и заштита на новинарите во конфликтните зони, нагласувајќи дека безбедноста на медиумските работници останува клучна за информирањето на јавноста.