„На точак“: Реконструкцијата на Цветан Димов без транспарентност и на штета на пешаците

Реконструкцијата на улицата „Цветан Димов“ во Чаир, која денеска е прва точка на дневен ред на Советот на Град Скопје, се најавува без јасно презентиран проект и со значително зголемена цена, реагира граѓанската иницијатива „На точак“.

Од „На точак“ посочуваат дека вистинскиот проблем на улицата не е недостигот од коловозни ленти, туку нефункционалноста на постојните. Десните ленти со години се узурпирани од паркирани возила, поради што улицата во пракса функционира со само една проодна лента во секоја насока.

Според иницијативата, истиот ефект би можел да се постигне и без скапа реконструкција – со доследно регулирање на паркирањето.

Дополнителен проблем се тротоарите, кои често се блокирани од нелегално паркирани возила и комерцијални објекти. Пешаците и велосипедистите се целосно маргинализирани, а најавеното проширување на коловозот и стеснување на тротоарите би ја влошило состојбата на јавниот простор.

Особено загрижувачка, според „На точак“, е можноста за сечење на старите платани кои го дефинираат идентитетот и микроклимата на улицата.

Иницијативата предупредува дека ваквата интервенција е спротивна на современите политики за климатска адаптација и борба против топлотните острови и бара дрвјата да бидат интегрирани во идното решение, наместо нивно масовно отстранување.

„На точак“ бара целосна транспарентност и јавно објавување на проектот, со реални димензии и можност за вклучување на стручната и граѓанската јавност.

Според нив, идните улични решенија во Скопје треба да им дадат приоритет на пешаците, велосипедистите, јавниот превоз и зеленилото, наместо проширување на автомобилскиот сообраќај.

Иницијативата предупредува дека ако проблемот е паркирањето, токму тоа треба да се решава, без уништување на постоечките урбани и природни вредности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни