Според неодамнешното истражување спроведено од „Мол груп“ во шест земји од Централна и Источна Европа, просечната старост на возилата достигнала или надминала 12 години, а речиси половина од испитаниците (48 проценти) возат автомобили постари од десет години, објави N1.
„Сепак, мнозинството возачи не ги сметаат своите возила за стари – 44 проценти наведуваат дека нивниот автомобил повеќе не е нов, но ниту е стар“, се вели во соопштението на компанијата.
Компанијата истакнува дека истражувањето е базирано на одговорите на повеќе од 1.700 членови на програмата за лојалност „Mol Move“ од Србија, Унгарија, Чешка, Словачка, Романија и Словенија, како и дека биле испитани навиките за одржување на автомобилите и ставовите кон премиум горивата.
Просечна возраст
„Официјалната статистика на ЕУ покажува дека просечната старост на возилото е 15 години во Унгарија, 15,5 години во Романија, 15,1 година во Словачка и 16,2 години во Чешка. Сепак, личните проценки на возачите во сите овие земји се значително пониски, што укажува дека многу возачи или ја потценуваат или ја игнорираат вистинската старост на своите автомобили. На пример, во Унгарија, повеќе од половина од испитаниците (54%) веруваат дека нивното возило е сè уште ново или барем не е старо – иако речиси две третини (62%) возат автомобили постари од 10 години“, се наведува во соопштението на Mol Group.
Кога станува збор за Србија, анкетираните корисници на програмата за лојалност „Мол Моув“ велат, се додава, дека просечната старост на нивните автомобили е 13,8 години.
Одложена замена на возило
Анкетата, исто така, откри дека речиси половина од возачите во регионот не планираат да го заменат своето возило во следните пет години – без оглед на неговата старост.
„Алармантно е што еден од десет испитаници (10%) изјавил дека во моментов не може да си дозволи дури ни мала поправка. Овој недостаток на финансиска флексибилност и доцнење во одржувањето претставуваат значителни безбедносни ризици на патиштата во регионот“, се вели во соопштението.
Кога станува збор за користење на премиум гориво, од Мол Груп истакнуваат дека, според нивните податоци, во целиот регион, 64 проценти од возачите користат премиум гориво барем еднаш, а 30 проценти од нив го прават тоа четири или повеќе пати во десет дополнувања.