Филмот е своевиден кинематографски еликсир, симболичен приказ кој повикува на созерцание за времето, уметноста и потрагата по смисла. Преку своите протагонисти, Адам и Ева, Џармуш го истражува парадоксот на бесмртноста како благослов и проклетство, поставувајќи го човекот помеѓу бесконечноста и кревкоста на земното постоење.
Филмот ја следи приказната за двајцата вампири, Адам (Том Хидлстон) и Ева (Тилда Свинтон), кои се љубовници со векови. Адам е депресивен музичар кој живее во Детроит, опседнат со чувството на безнадежност поради состојбата на светот. Ева е неговата духовна и емотивна поддршка. Нивниот однос се соочува со предизвици кога сестрата на Ева, Ава (Миа Васиковска), пристигнува и предизвикува турбулеции во нивните односи.
Тилда Свинтон и Том Хидлстон ги оживуваат своите улоги со извонредна харизма. Нивната хемија е очигледна и тие совршено ги пренесуваат сложените емоции на бесмртни љубовници кои се борат со досадата и празнината. Миа Васиковска додава енергија и непредвидливост со својата улога како Ава, додека Џон Харт е одличен како прочуениот, мистериозен драмски автор Кристофер Марлоу.
Во филмот, вампиризмот не е претставен како ужас или грев, туку како метафора за креативната елита, за оние кои живеат на рабовите на општеството, вечни набљудувачи на историските и културолошки падови и подеми. Тие се хроничари на човечката историја, носители на знаење што надминува генерации, но истовремено се зависници од животната енергија – крвта, која тука се појавува како симбол на суштината на животот.
Бесмртноста на Адам и Ева е дар, но пред се и товар. Тие се сведоци на пропаста на луѓето и уметноста, но и на тоа како светот постепено ја губи својата магија.
Пејзажите на Детроит и Тангер ги рефлектираат состојбите на духот на протагонистите. Детроит е руина на современата цивилизација, град кој умира, но истовремено е и извор на инспирација и креативност. Тангер, со својот ориентален мистицизам е светилиште, место каде што времето е замрзнато
Режијата на Џармуш е стилска и суптилна, создавајќи меланхолична и хипнотична атмосфера. Визуелниот стил на филмот е извонреден, со прекрасна кинематографија која ги користи светлото и сенките за да ја нагласи мистериозната и тивка природа на вампирите. Сцените се исполнети со симболика и уметничка естетика, што само и додава на длабочината на филмот.
Музиката е централна компонента на „Only Lovers Left Alive“, со саундтракот компониран од Џозеф Ван Висем кој минатата година приреди прекрасен настап во Кинотеката на Македонија. Музиката совршено ја дополнува меланхоличната и замислена атмосфера на филмот, создавајќи аудитивно искуство кое е исто толку важно колку и визуелното.
„Only Lovers Left Alive“ е поетичен и рефлективен филм кој успева да ја пренесе меланхолијата и убавината на бесмртната љубов. Со извонредни актерски изведби, особено на Тилда Свинтон и Том Хидлстон, со истакната визуелна и музичка естетика, тој претставува медитативно патување низ суштинските прашања за постоењето, креативноста и времето. Џармуш создава филм кој пред се се чувствува, како еликсир што ги отвора вратите на перцепцијата. Ова е филм за оние кои бараат нешто повеќе од типична вампирска приказна – деликатно истражување на човечките емоции и креативниот дух.
Автор: Јане Алтипармаков