Станува збор за периодот од 20 јануари до 15 октомври, а податоците ги објави Универзитетот во Калифорнија – Беркли, кој до нив дошол преку тужба поднесена против ICE.
Според официјалните бројки, речиси 75.000 луѓе без претходни кривични пресуди биле приведени во рамките на имиграциските операции за кои администрацијата тврдеше дека се насочени кон „убијци, силувачи и членови на криминални банди“. Аналитичарите предупредуваат дека тоа е во спротивност со јавните изјави на Трамп и највисоките претставници на неговата влада.
„Податоците го оспоруваат тврдењето дека акциите се фокусирани на опасни криминалци и дека се гонат најтешките престапници“, изјави Ариел Руиз Сото од Институтот за миграциска политика.
Овие бројки даваат најдетален увид досега во стратегијата на Трамповата администрација за спроведување на имиграциските закони. ICE престана редовно да ги објавува деталните извештаи за апсења уште во јануари, а новите информации не прават разлика меѓу ситни прекршоци и сериозни кривични дела, иако администрацијата тврдеше дека фокусот е на тешките криминалци.
Дополнително, бројките не ги опфаќаат апсењата што ги врши Граничната патрола, која спроведе агресивни акции во неколку големи градови, меѓу кои Чикаго, Лос Анџелес и Шарлот. Во моментот се изведуваат рации и во Њу Орлеанс, а теренските канцеларии на ICE се под притисок да ги зголемат бројките.
Во мај, заменик-шефот на кабинетот во Белата куќа, Стивен Милер, дури им се заканил со откази на високите функционери доколку не почнат да приведуваат најмалку 3.000 мигранти дневно. Сепак, податоците покажуваат дека ICE е далеку под таа цел, агентите во просек приведувале 824 лица дневно од 20 јануари. Тоа е повеќе од двојно во однос на 2024 година за време на администрацијата на Бајден, кога дневниот просек бил 312 апсења.
Најголемиот дел од уапсените, околу 90 проценти, се мажи. Меѓу нив доминираат државјани на Мексико со околу 85.000 апсења, а по нив следат мигранти од Гватемала со 31.000 и од Хондурас со 24.000. Повеќе од 60 проценти се на возраст меѓу 25 и 45 години.
Не е познато колкумина од уапсените се депортирани, но 22.959 лица се водат под категоријата „доброволно заминување“, што значи дека самостојно ги напуштиле Соединетите Држави.
Според најновите податоци на Министерството за внатрешна безбедност, во притворските центри низ земјата ICE моментално држи околу 65.000 мигранти.
Извор: N1info.rs
