Разорен земјотрес од 7.6 степени го погоди јужен Филипини – издадени предупредувања за цунами

Силен земјотрес од 7.6 степени го погоди јужниот дел на Филипини. Властите издадоа предупредувања за разорно цунами и наредија евакуација на крајбрежните региони.

Силен земјотрес со јачина од 7.6 степени според Рихтер е регистриран утрово во 9:43 часот по локално време во близина на југоисточниот брег на Филипините, предизвикувајќи масовна евакуација и издавање на предупредувања за можно цунами со опасни бранови.

Земјотресот бил почувствуван најсилно во провинцијата Давао Ориентал, каде што епицентарот се наоѓал околу 62 километри југоисточно од градот Манай, на длабочина од само 10 километри, што го прави особено опасен поради плиткиот карактер на потресот.

Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија (Phivolcs) изјави:

„Се очекува разорно цунами со животозагрозувачки бранови. Евакуацијата мора да се спроведе веднаш во сите крајбрежни области.“

Властите предупредија дека брани до 3 метри над нормалното ниво може да ги погодат филипинските брегови, додека помали бранови се можни во Индонезија и Палау.

Паника и евакуација во Давао

Во Давао, најголемиот град во близина на епицентарот со околу 5,4 милиони жители, децата беа итно евакуирани од училишта, додека родителите ги прибираа своите најблиски.

Бернардо Рафаелито Алехандро IV, заменик-администратор на Канцеларијата за цивилна одбрана, изјави дека цунами може да ги погоди шест крајбрежни провинции во рок од два часа по потресот.

Индонезија издаде цунами-предупредување

Индонезиските власти исто така издадоа предупредување за делови од Папуа и Северен Сулавеси, региони кои се наоѓаат на околу 275 километри од епицентарот. Граѓаните се повикани да се оддалечат од плажите и речните корита

Филипини под постојана сеизмичка закана

Филипините се дел од т.н. “Огнен појас” на Пацификот, регион познат по чести и силни земјотреси и вулкански ерупции. Освен тоа, земјата годишно е погодена од околу 20 тајфуни и бури, што ја прави една од најранливите земји на природни катастрофи во светот.

Земјата сè уште се опоравува од претходниот силен земјотрес од 6.9 степени на 30 септември, кој предизвика најмалку 74 жртви и илјадници раселени лица во провинцијата Себу.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни