Различни збогувања за една жена (Среќна нова 2025)

Photo by Mike González

Не е возможно да се избегне тоа заокружување кое како луѓе секогаш имаме потреба да го направиме пред почетокот на нешто ново. Не знам од која причина е така, веројатно, имаме потреба да дефинираме, да конкретизираме и да зборуваме за краевите често. За култура која токму збогувањата и завршетоците ги третира прилично тегобно, стартот на секоја нова година е важна причина да се свртиме наназад и да видиме каде сме биле и каде сакаме да бидеме.

Велат дека на човек најдобро му доаѓаат патувањата поради менувањето на перспективата кон сегашноста што произлегува од дистанцирањето, оладувањето на главата и можноста да се земе здив-два без константен притисок. Јас сум од тие луѓе на кои ова им е многу потребно и ова често го користев периодов за градење некаква перспектива кон сегашноста во Македонија, сегашноста како млада жена во град со перспективи фрлени во магла и многу прашалници за иднината. Единственото нешто кое го носам и по Мадрид, Истанбул, Лајпциг, Загреб, Белград и другите места на кои сум можела да стапнам изминатава година, е дека колку различни видови на збогувања имаше, толку повеќе растеа и беа ставени на тест капацитетите на овие човечки срца, на кои не им е лесно во последно време.

Делови од нив се кршат и воедно одново и одново се отвораат тие процеси на бесконечно преиспитување на себе со секој крај. Не ни е сјајно, не ни е фантастично, ама знаев и знам дека мора да се одболува ова. Понекогаш чувстувам дека животот тука е помирување со идејата дека сме можеле и не сме направиле подобро како колектив и имам потреба долго да го тагувам тоа. И оваа година бев заплисната од ова чувство, иако во меѓувреме, во промените на општествено-политички план првпат се појави една продуктивна лутина, која одамна сум ја немала. Им благодарам на сите кои ми дале да ја почувстувам и низ овој процес на растење да разберам дека само преку неа можам да делувам, во средина со високо ниво на апатија, тага и простор на кој му треба меѓусебната поддршка и инспирација. Сите различни видови збогум, ја поттикнаа таа продуктивна лутина како нов простор за грижа за себе како жена, за разбирање на односот на себе кон заедницата, за храброста да се работи и зборува отворено во неа и пред сè, да се работи со интегритет кој полека се создава и остава смисла.

Тоа што ја имав оваа платформа како простор изминатата година за пишување и споделување на размисли, ме охрабри да верувам дека некој сака да ме слушне и некој го вреднува тоа што можеме да го понудиме како нови генерации. Оттаму, Трн стана медиум преку кој јавно се справував како поединец и со поединечните и со колективните збогувања кои сме ги имале – со прекрасни луѓе, места, делови од себе, замисли за една држава и една слобода како именка која трпеливо нè чека.

Во 2024 како девојка и жена се збогував со стравот дека нашиот глас не е доволно добар и важен. Со наметнатите верувања дека константно треба да чекаме нешто, наместо да создаваме и да видиме каде тие креативни процеси ќе нè одведат. Се збогував со една верзија од жена што континуирано е во нерамнотежа и паралелно прави премногу работи. Со атмосферата на завист, неискреност и непродуктивност. Се збогував со очекувањето дека брзо ќе можеме да најдеме нов правец и една нова кохерентност на прогресивната сила овде, но никогаш со инаетот за пркос, за чувствување, за борба за праведност и за нови почетоци. Се збогував со скриен и отворен сексизам, со дискриминација, со борба која не престанува, со етикетирање, со многу празни места по ставена точка. Со идејата дека ќе може да се живее без нелагодност, со стравот од ранливост, со омраза на социјални мрежи и со константното наметнато чувство дека мојот збор нема доволна компетентност и доволна тежина поради моите години.

Сите различни видови збогум како жена минатата година ми покажаа дека нема друг избор освен култивирање на грижа, надеж и енергија споделена во безбедна средина, во средина која дава отпор и сака подобро. Но исто така,  дека испраќајќи ја болката и тагата,  отворајќи го просторот за новото, можам и можеме да го видиме своето срце како алатка на отпор во оваа земја, кое чука за да покаже дека како што вели Сартр: ,,Mожеби има поубави времиња, но ова е нашето.”  Ја испратив  нелагодноста за одново да ја повикам во новава година – потребна повеќе кога било за да ни укаже дека доволно сме заспани.  Будење е она што ни треба како колектив, а на нас жените овде, инает и љубов кон себе доволна за да ни даде сила да бидеме истрајни и бунтовни. И во 2025 останувам (е) исти,  секогаш млади во дух и секогаш храбри. Секогаш феминист(к)и, секогаш пркосни. Без страв да сакаме, да тагуваме и да растеме низ чувствата, заедно со нашата човечност.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни