Разговорите за можностите за мировно решение на војната во Украина, одржани во Мајами, биле конструктивни и продуктивни, соопштија американскиот специјален претставник Стив Виткоф и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Иако деталите од разговорите не беа објавени, сите страни сигнализираат умерен оптимизам.
Виткоф на социјалната мрежа X напиша дека разговорите меѓу претставници на Соединетите Американски Држави, Европа и Украина за завршување на војната биле „продуктивни и конструктивни“.
Слична оценка, според руската државна агенција ТАСС, дал и рускиот преговарач Кирил Дмитријев, кој учествувал во руско-американските разговори.
Москва ќе го формулира следниот чекор
Од Русија беше соопштено дека Дмитријев во Мајами требало да добие информации за евентуалните измени во планот од 28 точки што САД го презентираа во ноември. По враќањето во Москва, тој ќе го информира Кремљ за текот на разговорите.
Надворешно-политичкиот советник на рускиот претседател Владимир Путин, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија по разговорите со Виткоф повторно ќе го изложи својот став.
„По враќањето на нашиот специјален претставник во Москва, ќе формулираме позиција со која ќе продолжиме понатаму, вклучително и во контактите со Американците“, изјави Ушаков.
Дмитријев подоцна објави фотографија од Мајами со пораката: „Благодарам, Мајами. Следниот пат: Москва“, алудирајќи на можни идни средби во рускиот главен град.
Зеленски: Без притисок Русија нема да запре
Украинскиот претседател Зеленски исто така позитивно се изјасни за разговорите, наведувајќи дека работата на документите за завршување на војната, безбедносните гаранции и обновата на Украина продолжува.
„Секоја точка се разгледува детално. Соработката со американските претставници е конструктивна, и тоа е важно“, рече Зеленски во своето вечерно видео-обраќање.
Истовремено, осврнувајќи се на засилените руски напади врз јужниот украински регион Одеса и тамошните пристаништа, Зеленски оцени дека Русија не покажува вистинска подготвеност за мир.
„Сите мора да видат дека Русија, без сериозен притисок, не е подготвена навистина да ја запре својата агресија. Притисокот мора да се зголеми“, порача тој.
Разговори во повеќе формати
Во разговорите во Мајами учествувале делегации и преговарачи од САД, Русија, Украина и европските земји, во различни формати и состави. Од Германија, на средбите присуствувал надворешно-политичкиот советник на канцеларот Фридрих Мерц, Гинтер Заутер.
Како главна цел било наведено разгледувањето на резултатите од разговорите одржани во Берлин на 14 и 15 декември.
Кремљ, пак, ги демантираше наводите од Киев дека во Мајами можело да дојде до директни разговори меѓу украинските и руските преговарачи.