Авторитарните лидери Владимир Путин и Си Џинпинг разговарале за можноста трансплантацијата на органи да доведе до бесмртност, во кусо неформално муабетење снимено со „жешок“ микрофон за време на воената парада во Пекинг.
Рускиот претседател во средата беше во главниот град на Кина, каде што Си ги угости сојузниците на церемонија со која се одбележа 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
Додека Путин и Си беа на чело на делегацијата со странски лидери, државната телевизија емитуваше во живо кадри што фатија делови од, наизглед, приватен разговор. Додека се движеа кон подиумот на плоштадот Тјананмен, се слушна преведувачот на Путин како на кинески кажува: „Биотехнологијата постојано напредува.“
По краток неразбирлив дел, преведувачот додаде: „Човечки органи може постојано да се трансплантираат. Колку подолго живееш, толку помлад стануваш, и дури може да се постигне бесмртност.“ Си, кој не се гледаше на камерата, возврати на кинески: „Некои предвидуваат дека во овој век човекот може да живее и до 150 години.“
Подоцна Путин потврди пред новинарите дека со Си разговарале за можностите за значително продолжување на животниот век.
И двајцата лидери досега покажале мала намера да се повлечат од власта. Во 2018 година, Си ги укина ограничувањата за претседателски мандати, отворајќи му пат да владее неограничено. Путин, пак, со промени во руското законодавство си овозможи останување на врвни државни позиции уште долго време.
Фасцинација на долговечноста
Делови од руската елита, меѓу кои и самиот Путин, одамна се заинтересирани за науката за долговечност.
Во 2024 година тој наложи формирање на центар за истражување наречен „Нови технологии за зачувување на здравјето“, чија цел е борба против стареењето. Центарот работи на развој на „технологии што го спречуваат стареењето на клетките, невротехнологии и други иновации насочени кон долговечност“.
Според истражување на независниот руски медиум Медуза, Михаил Ковалчук – долгогодишен пријател на семејството Путин – ја предводи руската програма за „бесмртност“. Тој и луѓе блиски до Кремљ наводно се „опседнати“ со оваа идеја. Медуза објави дека тој вложил средства во технологија за печатење органи преку лабораториски одгледани клетки.
На проектите е вклучена и најстарата ќерка на Путин, ендокринологот Марија Воронцова, која добила државни грантови вредни милиони долари за истражувања на обновување на клетките и продолжување на здравјето. Таа учествува и во генетска програма поврзана со Ковалчук. Кога САД ѝ воведоа санкции во 2022 година, Државниот секретаријат истакна дека таа води програми финансирани од Кремљ вредни милијарди.
Разговор во друштво на Ким Џонг-ун
За време на разговорот, до нив одеше и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој насмеан гледаше во правец на Путин и Си. Не е јасно дали разговорот му беше преведен.
Подоцнежните снимки покажуваат како тројцата заедно се качуваат по скалите кон трибината за парадата.
Овој момент беше емитуван во живо од кинеската државна телевизија CCTV, а снимката ја презедоа и меѓународните агенции AP и Reuters.
Најголема воена парада во Кина
Кинеската армија приреди најголема парада досега – со 50.000 гледачи и демонстрација на воена техника, меѓу кои тенкови, беспилотни летала, нуклеарни ракети, борбени авиони и стелт летала.
Настанот беше протолкуван како јасна порака на пркос кон Западот. Меѓу присутните беа и претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, иранскиот претседател Масуд Пезешкиан и водачот на воената хунта на Мјанмар, Мин Аунг Хлаинг.
Во својот говор, Си порача дека кинескиот народ секогаш стои „на вистинската страна на историјата“. Тој ја опиша Кина како голема нација што „не се плаши од насилници“ – очигледна порака упатена кон САД и нивните сојузници – и додаде дека земјата е „незапирлива“.
Извор: Гардијан