Повеќе од 20 држави, меѓу кои Обединето Кралство, Германија, Франција, Јапонија и Јужна Кореја, соопштија дека се подготвени да учествуваат во напорите за обезбедување безбеден премин низ Ормускиот теснец, остро осудувајќи ја иранската блокада на оваа клучна поморска рута.
Вкупно 22 држави, претежно европски, но и Обединети Арапски Емирати и Бахреин, во заедничко соопштение порачаа дека се подготвени да придонесат со „соодветни напори“ за да се обезбеди слободата на пловидба.
„Подготвени сме да придонесеме кон соодветни напори за обезбедување безбеден премин низ теснецот. Ја поздравуваме посветеноста на државите кои веќе работат на подготвително планирање“, се наведува во соопштението.
Во истиот документ, земјите најостро ги осудија, како што наведуваат, неодамнешните ирански напади врз невооружени трговски бродови во Заливот, нападите врз цивилна инфраструктура, вклучително нафтени и гасни постројки, како и фактичката блокада на Ормускиот теснец од страна на иранските сили.
Истовремено, американската војска тврди дека способноста на Иран да ја загрози пловидбата низ теснецот е значително ослабена по ударите врз подземен објект каде, според Вашингтон, биле складирани крстосувачки ракети и друго оружје.
Командантот на Централната команда на Вооружените сили на САД (CENTCOM), адмирал Бред Купер, во видео порака објавена на мрежата X изјави дека американските сили погодиле не само тој објект, туку и дополнителни воени капацитети поврзани со надзор на поморскиот сообраќај.
„Не само што го уништивме тоа постројување, туку ги уништивме и локациите за разузнавачка поддршка, како и радарските релеји за ракети што се користеа за следење на движењето на бродовите“, рече Купер.
Тој додаде дека поради тоа е „намалена“ способноста на Иран да ја загрозува слободата на пловидба во и околу Ормускиот теснец, порачајќи дека САД ќе продолжат да гаѓаат вакви цели.
Ормускиот теснец е една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас, а секое сериозно нарушување на пловидбата низ овој премин веднаш создава притисок врз глобалните енергетски пазари.