Во Европа се забележува пораст на бројот на заразени, а главна улога во тековниот бран ја има новата подваријанта на вирусот SARS-CoV-2, официјално наречена XFG, а во јавноста позната како „Стратус“. Поради брзото ширење и потенцијалните импликации за јавното здравје, Светската здравствена организација (СЗО) ја класифицираше како „варијанта под надзор“ повикувајќи на зголемена претпазливост и следење.
Стратус припаѓа на семејството на Омикрон варијанти, но неговата генетика е посложена. Научниците го опишуваат како рекомбинантна или „Франкенштајн“ варијанта, што значи дека е создадена кога две различни подваријанти (LF.7 и LP.8.1.2) заразиле иста клетка и размениле генетски материјал, создавајќи нов хибриден вирус.
Овој процес не е необичен за коронавирусите, но станува значаен кога новата варијанта добива својства кои ѝ даваат предност. За Стратус, тоа се четири клучни мутации во спајк протеинот, дел од вирусот што се врзува за човечки клетки, што му овозможува подобро избегнување на имунолошкиот одговор од претходни инфекции или вакцинации.
Иако првиот примерок на варијантата XFG е забележан во јануари 2025, нејзиното глобално ширење се забрзало последните месеци. Според податоците на СЗО, до крајот на јуни Стратус сочинуваше речиси 23% од сите глобално секвенционирани случаи на КОВИД-19, што претставува значителен скок од 7,4% на почетокот на мај. До сега е детектиран во најмалку 38 земји.
Во Германија бројот на потврдени случаи повторно расте. Според Институтот Роберт Кох, во 37-та недела од 2025 се регистрирани 2.396 нови инфекции, што е зголемување во однос на претходната недела. Расте и бројот на случаи на акутни респираторни инфекции во сите возрасни групи.
Коронавирусот останува со нас и ќе живееме со него долгорочно – вели докторот и медицински новинар Кристоф Шпехт.
Тековната ситуација не може да се спореди со првите години на пандемијата.
Нашиот имунитет е многу посилен, а симптомите што ги пријавуваат луѓето се најчесто благи: промуклост, болно грло, класични симптоми на настинка. Коронавирусот повеќе не е исклучок; ако некој се плаши од корона, треба да се плаши и од другите вируси кои циркулираат во есен и зима – додава тој.
Симптомите на Стратус најмногу наликуваат на симптомите од претходните Омикрон варијанти и вообичаено се слични на настинка. Центарот за контрола и превенција на болести (CDC) ги наведува следниве најчести знаци: кашлање, болно грло, затнат нос, замор и главоболка, болки во мускулите и телото, мала температура или треска, и нов губиток на чувство за вкус или мирис.
Сепак, лекари и пациенти забележале дека промуклоста или грубиот глас почесто се поврзани со Стратус.
И покрај брзото ширење, сите достапни информации укажуваат дека Стратус не предизвикува потешки клинички слики од своите претходници. Светската здравствена организација ја процени вкупната опасност за јавното здравје како „ниска“.