Често патувам, понекогаш и го запишувам она што ми се случува на тие патувања. Овие писанија некои ги нарекуваат цртички, други кратки раскази, а јас неоптеретен од нивната форма сите ги складирам во еден фолдер под името Водич низ светскиот менталитет. Бидејќи денес е денот на книгата решив со вас да споделам едно од тие писанија напишано пред неколку години заведено под името Коља.
Вчера од Чешки Крумлов до Прага се возев со супер модерен автобус кој нуди можност за гледање филмови на екранот вклопен на задниот дел од седиштето пред мене. Иста услуга како и во авионите. Откако ја разгледав филмската понуда, под графата странски филмови ја проверив и онаа со чешки. Го избрав „Коља“ на Јан Сверак. Го имав гледано пред десетина години, но посакав повторно да го гледам додека се возам низ Чешка.
Филмот е одлична приказна за Лука, педесетгодишниот прашки заводник и неоженет боем кој мора да се грижи за мало дете од Русија по име Коља. Гледајќи го филмот препознав дека станот на главниот лик веројатно се наоѓа во близина на Малостранске Намести, односно на истиот оној плоштад каде што секое утро поминував барем еден час чекајќи некоја интересна случка за да фотографирам.
Но, освен мене плоштадот му беше омилен и на Јиржи, поранешен државен службеник сега во пензија. Јиржи секој ден во периодот од 9:30 до 11:00 седеше под единственото дрво на плоштадот читајќи дневни весници. Пред три дена го фотографирав како поминува во црвена кошула.
Сѐ до завчера само го сретнував, а денес седна на масата блиску до мене. Од оние стари кожни актовки го извади купот весници и една книга и почна да прелистува. Секогаш го лижнуваше палецот пред да ја сврти наредната страница. Ја почувствував неговата самотија. Не издржав и почнав да разговорам со него. Зборуваше малку хрватски и тоа многу ни помогна да се разбереме. Додека работел во Министерството за стопанство, секое лето одмарал на шибенското крајбрежје. Сега живее сам, многу е болен, нема кој да се грижи за него и потребата од разговор беше очигледна. Разговаравме воопшто за животот во Прага и некогашна Чехословачка. Како одминуваше времето така стануваше пожешко. Сонцето веќе ја надмина крошната од јаворот и ги грееше нашите плеќи. Решив да го прашам за „Коља“.
-Чичко Јиржи, дали си го гледал „Коља“, филмот на Јан Сверак кој доби Оскар во 1997 година?
– Како не, ми одговори со возбуда. – Ене онаму се снимаше, покажувајќи на една раскошна барокна зграда каде што во поткровјето се наоѓаше овалната соба на Лука, главниот лик од филмот. – Ајде дојди, ќе отидеме до таму. Ќе ми помогнеш да се качиме и да го помирисаме духот на Коља и на Прага кога немаше туристи.
Се качувавме повеќе од 15 минути. Јиржи одмараше на секое искачено скалило. Кога стигнавме на поткровјето имаше само два стана. Се наведна на вратата од едниот стан и почна да плаче. Не знаев што да направам. Го фатив за рамо, а тој се сврте и ме гушна. Целиот насолзен изусти:
-Тука живеев кога се снимаше „Коља“.