Што точно предвидува трговскиот рамковен договор со САД?

Вашингтон ќе ги задржи 15% реципрочни тарифи, но дел од македонските производи ќе добијат царина од нула проценти – договорот предвидува и енергетска соработка преку новиот гасен интерконектор со Грција

Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија постигнаа Рамковен договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со цел зајакнување на билатералните економски односи и проширување на пристапот на извозниците на двете земји до меѓусебните пазари, соопшти Белата куќа.

Во заедничката изјава се наведува дека договорот ќе ги зајакне трговските односи, ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе го промовира економскиот раст и ќе го продлабочи трансатлантското партнерство.

Клучни одредби од договорот

Според објавените информации, договорот предвидува дека: Северна Македонија ќе ги укине царинските давачки за сите американски индустриски и земјоделски стоки извезени во земјава.

Соединетите Американски Држави ќе ги задржат реципрочните тарифи од 15 проценти за стоки со потекло од Северна Македонија, согласно Извршната наредба 14257 од 2 април 2005 година (со измени). Истовремено, САД ќе идентификуваат производи од листата наведена во Анекс III на Извршната наредба 14346 од 5 септември 2025 година (со измени) за да добијат реципрочна царинска стапка од нула проценти. Двете страни ќе можат дополнително да разгледаат модификации на тарифите, земајќи ги предвид трговските биланси и други релевантни фактори.

Двете земји ќе работат на решавање на загриженоста на САД во однос на нетарифните бариери наметнати од Северна Македонија, кои влијаат врз билатералната трговија во приоритетни области.

Исто така, ќе се одржуваат консултации за решавање и спречување на бариерите за американските земјоделски производи на македонскиот пазар.

Двете земји се обврзуваат на зајакната економска и национална безбедносна соработка со цел подобрување на отпорноста на синџирите на снабдување и иновациите, преку активности насочени кон справување со непазарни политики на трети земји, борба против избегнување давачки, како и соработка во прегледите на инвестиции и контролата на извозот. Ова вклучува и обезбедување дека меѓународните обврски за јавни набавки ќе им користат само на земји што презеле исти обврски. Двете страни ја изразуваат намерата да ги олеснат и подобрат трговските врски.

Енергетскиот аспект: купување американски ЛНГ

Во делот за енергетика, договорот ја зема предвид изградбата на нов гасен интерконектор меѓу Северна Македонија и Грција. Овој проект треба да овозможи подобрување на енергетската безбедност и диверзификација на изворите на снабдување, вклучително и преку купување американски течен природен гас (LNG).

Северна Македонија ќе започне со купување американски LNG по завршувањето на новиот гасен интерконектор.

Дополнителни обврски

Договорот предвидува Северна Македонија да усвои и одржува високо ниво на заштита на животната средина и ефикасно да ги спроведува своите закони од оваа област. Дополнително, предвидени се разговори за заштита и спроведување на интелектуалната сопственост, вклучително и за географските ознаки, како и ангажман за решавање на прашања поврзани со трудот.

Северна Македонија се обврзува да не воведува данок на дигитални услуги и да поддржи усвојување траен мораториум на царински давачки за електронски преноси во рамки на Светската трговска организација (СТО), како и да ја потврди својата посветеност кон Заедничката иницијатива на СТО за домашна регулатива за услуги и олеснување на трговијата со услуги. Во соопштението се наведува дека двете земји ќе работат на финализирање на договорот, подготовка за негово потпишување и спроведување на домашните формалности пред стапувањето во сила.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Фејсбук го оцени договорот како значаен исчекор во економската соработка со Соединетите Американски Држави. „Усогласивме заедничка изјава и рамка за Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што ја зајакнуваме билатералната економска соработка и отвораме поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании. Искрена благодарност до целиот тим од повеќе институции што макотрпно работеше на овој процес, како и тимот на македонската амбасада во Вашингтон“, напиша Муцунски.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно најави дека шеесет и три до шеесет и четири производи, кои за земјава се стратешки, ќе можат да се извезуваат во САД со едноцифрена тарифа од нула до шест и пол проценти.

Тој посочи дека во изминатите месеци се воделе активни и интензивни преговори, а поволните стапки, според него, се резултат на тие разговори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни