Ракот убива илјадници животи годишно: Како загадениот воздух тивко нè разболува

Светски ден на ракот: 2,7 милиони нови случаи и 4.000 прерани смртни случаи годишно кај нас поврзани со загадениот воздух. Превенцијата почнува денес.

Светскиот ден на ракот, кој се одбележува секоја година на 4 февруари, нè потсетува на една сурова, но важна реалност – ракот и понатаму претставува една од водечките причини за смртност во светот, но воедно и болест кај која превенцијата, раното откривање и навремената грижа можат да спасат милиони животи.

Само во 2024 година, во светски рамки биле дијагностицирани 2,7 милиони нови случаи на рак, а 1,3 милиони луѓе го загубиле животот како последица од ова заболување. Овие бројки се силен потсетник зошто инвестициите во превенција, рана дијагностика, третман и научни истражувања се од клучно значење.

Токму поради тоа, Европската унија има инвестирано повеќе од 2,7 милијарди евра во мерки насочени кон борбата против ракот. Денес, на Светскиот ден на ракот, се одбележуваат и пет години од Европскиот план за борба против ракот (Europe’s Beating Cancer Plan) – амбициозна иницијатива која обединува стотици партнери со заедничка цел: создавање поздраво и поотпорно европско општество.

Загадувањето на воздухот – тивок, но сериозен ризик фактор за рак

Еден од клучните, но често потценети фактори на ризик за појава на рак е загадувањето на животната средина, особено загадениот воздух. Долготрајната изложеност на високи концентрации на ПМ2.5 и ПМ10 честички е директно поврзана со зголемен ризик од рак на белите дробови, но и со други сериозни хронични заболувања.

Во Северна Македонија, аерозагадувањето се смета за најголема еколошка закана по здравјето на граѓаните, а стапката на прерана смрт поврзана со квалитетот на воздухот е повисока во споредба со повеќето земји од Европската унија.

Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), годишно околу 4.000 смртни случаи во земјата се поврзуваат со изложеноста на тековниот квалитет на воздухот – бројка која алармира и бара итна, системска акција.

„ЕУ за чист воздух“ – инвестиција во здравје, живот и иднина

Како одговор на овој сериозен предизвик, се спроведува Проектот „ЕУ за чист воздух“ (2023–2027), кој претставува една од најзначајните интервенции за подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на јавното здравје во земјата.

Со финансиска поддршка од 10 милиони евра од Европската унија, проектот го спроведува УНОПС, со фокус на четирите најзагадени градови: Скопје, Битола, Куманово и Тетово.

Проектот вклучува низа конкретни и одржливи мерки како модернизација на системите за греење во јавните објекти, набавка на еколошки автобуси за почист јавен транспорт, зголемување на урбаниот зелен појас, проширување на системот за централно греење во Скопје и унапредување на мониторингот на квалитетот на воздухот

Целта е јасна: намалување на емисиите на ПМ2.5 и ПМ10 честичките, намалување на здравствените ризици и создавање поздрави, позелени и поодржливи урбани средини.

Порака за Светскиот ден на ракот

Борбата против ракот не започнува во болниците – таа започнува со чиста животна средина, информирани граѓани и силни политики за превенција. Инвестициите во чист воздух се директна инвестиција во здравјето на сегашните и идните генерации.

На Светскиот ден на ракот, пораката е јасна превенцијата спасува животи. А чистиот воздух е основа за здрава иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни