Во космичко откритие без преседан, научниците идентификувале знаци на рано формирање на планети преку длабоко набљудување во гасниот диск околу млада ѕвезда далеку од нашиот Сончев систем.
Астрономите ги откриле најраните „семиња“ на карпести планети кои се формираат во гасот околу млада ѕвезда слична на Сонцето, давајќи ни скапоцен поглед во зората на нашиот сопствен Сончев систем.
Станува збор за безпрецедентна слика од „време нула“, според научниците, кога нови светови почнуваат да се формираат.
„Забележавме директен поглед кон жешкиот регион каде што се раѓаат карпести планети како Земјата околу млади протоѕвезди“, изјави Мелиса МекКлур од Опсерваторијата во Лајден, Холандија, која го водеше меѓународниот истражувачки тим.
„Првпат можеме уверено да кажеме дека првите чекори на формирањето на планети се случуваат токму сега“.
Овие набљудувања нудат уникатен увид во внатрешното функционирање на нова планетарна система, изјави Фред Сјесла од Универзитетот во Чикаго, кој не учествувал во студијата објавена во списанието Nature.
„Ова е една од работите што долго време ги очекувавме. Астрономите размислуваат за тоа како се формираат планетарни системи веќе долго време“, рече Сјесла.
Како астрономите го забележале процесот
Вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА и Европската Јужна Опсерваторија во Чиле се здружиле за да ги откријат овие рани фази на формирање на планети околу младата ѕвезда позната како HOPS-315.
Станува збор за жолто џуџе во настанување, слично на Сонцето, но многу помладо – старо само 100.000 до 200.000 години и се наоѓа на околу 1.370 светлосни години оддалеченост. Една светлосна година изнесува околу шест трилиони милји.
Во ова пионерско истражување, МекКлур и нејзиниот тим погледнале длабоко во гасниот диск околу младата ѕвезда и забележале кондензирање на цврсти честички – знаци на рано формирање на планети. Јазот во надворешниот дел на дискот им овозможил да погледнат внатре, благодарение на начинот на кој ѕвездата е наклонета кон Земјата.
Откриле присуство на гас од силициум моноксид, како и кристални силикати – состојки за кои се верува дека се првите цврсти материи што се формирале во нашиот Сончев систем пред повеќе од 4,5 милијарди години.
Ова се случува во регион споредлив со астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер, каде што се наоѓаат преостанатите градежни елементи од нашите планети.
МекКлур изјави: „Кондензацијата на жешки минерали никогаш не била откриена околу други млади ѕвезди, па не знаевме дали тоа е универзална карактеристика на формирањето на планети или пак е нешто уникатно за нашиот Сончев систем. Нашето истражување покажува дека тоа може да биде чест процес во најраната фаза од формирањето на планети“.
Први докази за потеклото на планети
Иако други истражувања ги проучувале помладите гасни дискови или, почесто, зрелите дискови со потенцијални идни планети, до сега немало конкретен доказ за почетокот на формирањето на планети, вели МекКлур.
На зачудувачка фотографија направена од мрежата телескопи ALMA на ESO, новонастанатата планетарна система изгледа како светулка што сјае во црниот космос.
Колку планети ќе се формираат?
Невозможно е да се знае колку планети ќе се формираат околу HOPS-315. Со гасен диск што има маса како сончевата, можно е да заврши со осум планети – за милион или повеќе години од сега, според МекКлур.
Мерел ван ’т Хоф, коавторка и доцентка на Универзитетот Пардју во САД, изрази ентузијазам да се пронајдат уште млади планетарни системи. Со проширување на опфатот, астрономите може да откријат сличности и да утврдат кои процеси се клучни за формирање светови слични на Земјата.
„Дали постојат планети слични на Земјата таму надвор, или сме толку посебни што тоа е ретка појава?