„Радио војна“ меѓу Украина и Унгарија отвори нов политички фронт

Киев отвори 24-часовен аудио-канал на унгарски, украински и англиски јазик како одговор на, според украинското МНР, манипулациите и антиукраинската реторика од Будимпешта.

Украина отвори 24-часовен аудио-канал наречен „Унгарско радио на Украина“ како одговор на, според Киев, повторените апсурдни изјави и кампањата на страв и омраза што доаѓа од Будимпешта. Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Георгиј Тихиј соопшти дека наместо да одговараат поединечно на секоја нова изјава на унгарските функционери, решиле својот став постојано да го објавуваат во форма на радио достапно 24 часа дневно.

Аудио-пораката, која е објавена на украински, унгарски и англиски јазик, директно ги отфрла, како што се наведува, манипулациите на Виктор Орбан и неговиот тим. Во неа Киев порачува дека Украина никогаш не ѝ посакувала зло на Унгарија и дека двете земји треба да бидат добри соседи и партнери во европскиот и евроатлантскиот простор, а не дел од „рускиот свет“.

Потегот доаѓа во момент на ново влошување на односите меѓу Киев и Будимпешта, само десет дена пред парламентарните избори во Унгарија на 12 април. Во изминатите недели Орбан ја засили антиукраинската реторика, ја претставуваше Украина како закана за унгарската безбедност и ја користеше темата во кампањата, додека европски лидери јавно го обвинија дека игра изборни игри со украинското прашање.

Новото украинско „радио“ одговор затоа не е само комуникациски гест, туку и порака дека Киев повеќе нема намера да ја следи оваа расправија само во одбранбен тон. Наместо демант по демант, Украина избра постојан канал преку кој директно ќе ѝ се обраќа и на унгарската јавност, во време кога политичката пресметка меѓу двете влади станува сè поотворена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни