Во Москва започна средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин, специјалниот пратеник на САД Стив Виткоф и Џеред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Разговорите, според руските медиуми, се фокусирани на можностите за ставање крај на војната во Украина и приближување на ставовите на двете страни.
На состанокот присуствуваат и советникот на Путин, Јуриј Ушаков, како и специјалниот претставник Кирил Дмитриев, што укажува на сериозноста на разговорите.
Вашингтон пред десет дена го претстави својот план од 28 точки за мир, кој многумина го оценија како наклонет кон руските позиции. Европските партнери и Украина во меѓувреме работеа со американските претставници на измена на одредени делови од документот, но неколку клучни точки и понатаму остануваат спорни.
