По неколку дена интензивно бомбардирање на Украина, рускиот претседател Владимир Путин објави 30-часовен прекин на огнот по повод Велигден. Примирјето ќе трае од денеска во 18 часот (московско време) до полноќ во недела.
„Водени од хуманитарни причини, прогласуваме привремен прекин на воените дејства“, стои во соопштението објавено на Телеграм каналот на Кремљ.
Иако Москва очекува и Украина да се приклучи на примирјето, Киев сè уште нема официјален став. Во исто време, руските трупи добиле наредба да бидат подготвени за „провокации и прекршувања“ од украинска страна.
Ноќта пред објавата, Русија го нападна регионот на Одеса со балистички и крстосувачки ракети, предизвикувајќи големи пожари и уништени фарми, според украинската Државна служба за итни случаи (ДСНС). Нападите продолжија и во Запорожје со ирански дронови „Шахед“.
Минатата недела, на Цветници, балистички напад го погоди градот Суми. Ракетата „Искандер-М“ заврши меѓу театри, болничка клиника и концертна сала. Украинските медиуми тврдат дека целта биле цивили, бидејќи во близина немало воени објекти.