Пустината Атакама во Чиле, најсувата пустина на светот, со солено тло и пејзаж создаден од окаменета лава, се протега од Анди до Пацификот. И покрај екстремните услови, оваа пустина не е целосно ненаселена, покажува студијата на меѓународен тим научници од Универзитетот во Келн, објавена неодамна.
Атакама е едно од најекстремните места на Земјата. Дожд речиси и да не паѓа, ултравиолетовото зрачење е високо, а почвата е богата со сол и арсен. Долго време се сметаше дека такво тло не може да издржи живот.
Сепак, научниците откриле напредни заедници на микроскопски црви наречени нематоди, кои живеат во различни делови на пустината – од песочни дини до оази и планински височини. На поголемите надморски височини многу од овие црви се размножуваат бесполово, што потврдува дека тоа е предност во екстремни услови.
Меѓународниот тим истражувачи, составен од еколог, ботаничари и зоолози, ја спровел студијата „Географска дистрибуција на нематоди во Атакама“, објавена во научниот весник Nature Communications. Таа покажува како населението на организми е поврзано со надморската височина, климатските услови и начинот на размножување, откривајќи нов пристап за разбирање на биодиверзитетот и неговата поврзаност со животната средина.
Под песокот на пустината, валјкастите црви играат важна улога во екосистемот. Тие регулираат бактериски популации, учествуваат во циклусот на хранливи материи и се индикатори за здравјето на почвата. Како што објаснува др. Филип Шифeр од Институтот за зоологија на Универзитетот во Келн, податоците за почвата во екстремни екосистеми како Атакама сè уште се ограничени, па ова истражување е значајно за разбирање на функцијата на почвата.
Резултатите покажуваат дека и во најсувите и најекстремните услови можат да постојат отпорни екосистеми. Разликите во висината и температурата влијаат на составот на популациите, а со зголемување на падavinите се зголемува и биодиверзитетот. Ова откритие сугерира дека слични суви региони би можеле да бидат понаселени со живот отколку што се сметало претходно.
Истражувањето исто така укажува дека глобалната суша влијае на сè повеќе региони, и разбирањето на адаптациите на организми во екстремни услови може да помогне во оценката на еколошките последици од климатските промени.