Пуштен главниот цевковод во Скопје, за неколку часа сите ќе имаат вода

Привршуваат активностите за поправање на дефектите и модернизација на главниот градски цевковод во Скопје, а од ЈП Водовод и канализација известуваат дека наскоро ќе протече вода низ водоводот.

Завршени се активностите кај Порта Влае, мост Обединети нации и на булевар Партизански одреди во Карпош 4, поради кои беше затворен главниот цевковод, а при крај се активностите за за реконструкција на затварач Ф700 на улица Никола Парапунов во Карпош 4, каде што десетина дена течеше вода на улицата.

„Овој зафат се одвива независно од останатите и за него не е неопходно затворање на главниот довод. Затоа полнењето на главната цевка веќе е започнато и се очекува притисокот да се стабилизира за неколку часа“, велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Во меѓувреме, од Институтот за јавно здравје апелираа граѓаните да не пијат веднаш од водата, штом таа се врати, бидејќи контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата може да потрае и до еден час. Од таму наведуваат дека водата може да има променета боја, невообичаен мирис, заматеност па дури и ситни зрнца или песок.

„Непосредно после доаѓањето на водата во водоводните цевки во домовите, потребно е да се испуштат сите чешми во домот да истечат неколку минути, па да се провери дали органолептичките својства се во ред, па дури потоа да се пие. Најдобро е во текот на првите часови после пуштањето на водата во водоводната мрежа, граѓаните сè уште да консумираат пакувана вода, сè до добивањето на известување од јавното претпријатие дека водата е исправна и безбедна за консумација“, известија од Институтот за јавно здравје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни