Најмалку 11 убиени во вооружен напад на фудбалско игралиште во Мексико

Пукотницата се случила по завршување на натпревар во градот Саламанка, во една од најнасилните мексикански сојузни држави

Најмалку 11 лица се убиени, а 12 се ранети во вооружен напад што се случи на фудбалско игралиште во централно Мексико, соопштија локалните власти. Нападот се случил во градот Саламанка, во сојузната држава Гуанахуато, веднаш по завршувањето на фудбалски натпревар.

Градоначалникот на Саламанка, Сезар Прието, изјави дека вооружени лица отвориле оган врз присутните на игралиштето. Десет лица починале на самото место, додека уште едно лице подоцна им подлегнало на повредите во болница. Тој потврди дека меѓу повредените има и една жена, како и едно малолетно лице.

„За жал, постојат криминални групи кои се обидуваат да ги потчинат локалните власти, но тоа нема да го постигнат“, изјави Прието, повикувајќи ја претседателката Клаудија Шајнбаум да обезбеди поголема поддршка за спречување на насилството во регионот.

Канцеларијата на државниот обвинител на Гуанахуато соопшти дека е отворена истрага и дека се работи во координација со федералните безбедносни служби за зајакнување на присуството на полицијата и армијата во областа.

Гуанахуато важи за една од најнасилните сојузни држави во Мексико и минатата година регистрираше најголем број убиства на национално ниво. Регионот е сцена на долготраен судир меѓу локалната криминална група „Санта Роса де Лима“ и моќниот картел „Нова генерација на Халиско“.

Иако мексиканската влада тврди дека стапката на убиства во 2025 година била најниска од 2016 година, со 17,5 убиства на 100.000 жители, аналитичарите предупредуваат дека официјалните бројки не секогаш ја отсликуваат реалната состојба на насилството, особено во регионите каде што дејствуваат организирани криминални групи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни