Според локалните медиуми, жителите скокнале од креветот, а очевидци велат дека земјотресот бил проследен со силен татнеж, поради што многумина излегле на улиците.
Видеата ја покажуваат јачината на земјотресот, со далноводи и автомобили кои се нишаат на звукот на татнеж.
Досега е евидентирана помала материјална штета, главно на маркети каде производите паѓале од рафтовите.
По земјотресот со јачина од 6,1 степени, забележани се уште девет последователни потреси, од кои најслабиот беше со јачина од 2,5 степени, а најсилниот 3,5 степени според Рихтеровата скала.
Пожарникарите во готовност
Противпожарните служби на Крит се во општа готовност. Според локалните медиуми, како последица на земјотресот, забележани се помали одрони на регионалните патишта, а во Ираклион се урнале делови од зграда.
Полицијата веднаш го обезбедила теренот, а во моментов се проверуваат и други локации во градот.
„Станува збор за неокласичен објект, кој може да има проблем со статиката. Го обезбедивме просторот, дојде до уривање на архитектонските елементи на оваа зграда и се решава. Секако дека сме на готовност“, потенцира за ЕРТ градоначалникот на Ираклион, Алексис Калокериноза.
„Градот функционира нормално, нема никакви проблеми. Но, ние сме во контакт преку мрежа која веднаш ја активираме. Училиштата не ги затвораме. Но каде што ќе се утврдат проблеми ќе интервенираме. Имаме тимови кои врз основа на утврдените приоритети ќе утврдат дали имаме посебни проблеми“, потенцира градоначалникот.
Проверки и во училиштата
Од самиот почеток, општините Ираклион и Ласити наредија увид во состојбата на училиштата, без да се идентификува проблем. Засега сите училишта работат нормално.
Градоначалникот Калокериноза контактираше со претседателот на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси (ОАСП), професор Ефтимиос Лекас, како и со локалните власти за да ја проценат состојбата.
Затворена клисура Имброс во Сфакија

Клисурата Имброс во Сфакија ќе остане затворена, како што изјави за Атинско-македонската новинска агенција градоначалникот на Сфакија, Јанис Зервос. Затворањето е превентивно, поради земјотресот со јачина од 6,1 степен, кој беше почувствуван и во Ханија.
Регионалниот заменик администратор на Крит, задолжен за цивилна заштита, Јоргос Капакос, за Атинско-македонската новинска агенција изјави дека е во контакт со властите во врска со проверките во клисурата Самара и дека наскоро се очекува одлука дали националниот парк ќе продолжи да работи нормално или ќе биде затворен како мерка на претпазливост.
Што велат сеизмолозите?
Според претседателот на ОАСП Лекас, „земјотресот имал значителна длабочина и тоа е важно, бидејќи најверојатно нема да има цунами“, оценувајќи дека на Крит нема да има големи штети.
Од друга страна, директорот за истражување на Геофизичкиот институт Танасис Ганас изјави дека станува збор за класичен земјотрес со средна длабочина и дека е далеку од Санторини.
Објаснувајќи зошто се почувствувал на голема површина, тој рече дека „кога се случуваат земјотреси како овој, има голема чувствителност на долги растојанија“, додавајќи дека ќе има „многу малку последователни потреси“.
„Ова беше главниот земјотрес“, изјави сеизмологот Акис Челентис, истакнувајќи за ТВ СКАИ дека „областа покажува микросеизмичка активност веќе две години“.
Според Челентис, земјотресот бил почувствуван низ цела јужна Грција бидејќи „дошло до пукање на дел од подморскиот дел од компактната плоча на Крит, а брановите се прошириле на неколку области“.
Она што го очекувам се некои последователни потреси, можеби 5 степени според Рихтеровата скала, но не верувам дека ќе има последици“, заклучи Челентис.

Петнаесет минути по земјотресот со јачина од 6,1 степени, во истото подрачје е регистриран и втор земјотрес со јачина од 3,1 степени, со епицентар на 53 километри северно од Неаполис во Ласити и со фокусна длабочина од 59,4 километри.