Првата жена „министер“ во историјата на Ватикан

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, на 6 јануари за првпат во историјата на Ватикан именуваше жена на чело на еден дикастериум, што е еквивалентно на функцијата министер во други држави.

Папата ја назначи Италијанката Симона Брамбила, монахиња од мисионерскиот ред „Консолата“, за претседател на Дикастериумот за институти на посветен живот и за дружби на апостолскиот живот. Ватикан њуз објави дека станува збор за историски настан.

Брамбила со години се занимавала со мисионерска работа меѓу младите во Мозамбик, а потоа докторирала психологија на Папскиот универзитет Грегоријана во Ватикан, каде што подоцна била и професорка.

Дикастериумите до 2022 година се нарекуваа конгрегации, а на чело на тие институции секогаш биле мажи, обично кардинали и бискупи.

Папата Франциско од почетокот на својот понтификат ја зголеми присутноста на жените, како монахињи така и лаички лица, во работата на Ватикан. Според податоците на Светиот Престол, нивниот процент се зголемил од 19,2% во 2013 година на 23,4% во 2023 година.

Со апостолската посланица „Praedicate evangelium“ од 2022 година, тој овозможи лаиците, односно лицата кои не се свештеници, вклучувајќи и жени, да раководат со дикастериумите и да станат префекти, што порано беше привилегија само за кардиналите и бискупите.

Во 2016 година, папата ја именуваше Барбара Јата за директорка на Ватиканскиот музеј, што е функција која и досега ја извршувале лаички лица. Во 2022 година, монахињата Рафаела Петрини беше назначена за генерална секретарка на Државната управа на Ватикан. Исто така, има неколку подсекретарки во дикастериумите, а жена е и заменик-директорката на Канцеларијата за печат на Ватикан.

Неколку жени заземаат истакнати позиции во Ватикан, што некогаш било незамисливо. Од моментот кога папата го овозможи тоа, неколку неклерични лица раководат со дикастериуми. На пример, лаикот Паоло Руфини е шеф на „министерството“ за комуникации, а Кабалјеро Ледо го раководи дикастериумот за економија на Ватикан.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни