Хрватска за прв пат се најде на удар на администрацијата на Доналд Трамп откако тој повторно стана американски претседател. Хрватска има привремено стопиран влез во ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) поради конфликтот меѓу САД и Европската унија околу царините.
Гласањето за Хрватска е одложено, потврдила и Владата на Хрватска за тамошните медиуми, но ги уверува дека влезот на Хрватска во ОЕЦД сепак ќе оди по план.
Како што велат за порталот Index од Владата, Хрватска завршила со пристапната расправа пред 19 од 25 комитети за влез во ОЕЦД, што е значително повеќе од преостанатите седум земји во процесот на пристапување.
Од овие 19 комитети, 17 веќе донеле формално мислење. Преостануваат формалните мислења на комитетот за животна средина и комитетот за трговија.
Од Владата напоменуваат дека не се работи за блокада на процесот на пристапување, бидејќи не е завршено гласањето. Гласањето во комитетот за трговија, кое е стопирано, ќе се одржи кога ќе се создадат услови, велат тие.
„Во контакт сме со нашите американски партнери и колеги во ОЕЦД. Ќе работиме заедно на решение“, велат од Владата за Index.
Зденко Луциќ, државен секретар во Министерството за надворешни и европски работи изјавил.
„Не е вистина дека САД го блокираат влезот на Хрватска во ОЕЦД ниту го блокирале влезот на Хрватска во комитетот за трговија. Хрватска ги исполни сите услови на ОЕЦД, односно усогласена е со ОЕЦД во однос на трговијата. Американските партнери побарале гласањето да се одржи во некое друго време“, изјави Луциќ.
Државниот секретар објасни дека 38 земји-членки треба да усогласат единствен став, а потоа Хрватска ја завршува работата пред тој комитет, додавајќи дека усогласувањето на ставовите може да потрае и до 10 месеци.
Државниот секретар рече дека и порано се случувало да се одложи гласањето во некои комитети.
„Но тоа се решавало во соработка со ОЕЦД и земјите-членки кои имале некои прашања, така што ова не е ништо ново, ова е стандардна процедура и ние тука не гледаме некој посебен проблем“, рече државниот секретар.
Луциќ додаде дека расправата во комитетот за трговија, одржана на 15 октомври минатата година, „позитивно заврши“. „Според оценките на ОЕЦД, Хрватска е високо усогласена со трговските политики на ОЕЦД и се чека формално гласање за завршување на работата пред тој комитет“, рече Луциќ.
ОЕЦД е важно здружение на развиени земји кое го собира 38 членки, меѓу кои се водечките светски економии како САД, Германија, Јапонија и Франција. Членството во оваа организација беше еден од надворешнополитичките приоритети на Хрватска во последниве години, бидејќи членството во неа носи репутациски и економски придобивки – од засилување на инвестиционата атрактивност до учество во креирањето на глобалните економски правила.
Меѓутоа, процедурата за примање нови членки бара консензус од сите постоечки земји-членки. Токму тука сега настана проблем – поради трговската војна што администрацијата на Трамп повторно ја започна со Европската унија, САД одлучија да го блокираат донесувањето одлуки во меѓународни организации во кои ЕУ има силен влијание. Со тоа, Хрватска стана колатерална жртва на американско-европските спорови.
Во позадина на сето ова стои нов бран царински конфликти помеѓу Вашингтон и Брисел. Трамп ги обвинува ЕУ за тоа што на американските производи им наметнува високи царини, додека, од друга страна, ЕУ најавува контрамерки на американската стока. Со оглед на тоа дека одлуките во ОЕЦД се донесуваат едногласно, администрацијата на Трамп го користи ова право за блокирање како инструмент за притисок.
Хрватска беше формално поканета за преговори за членство во ОЕЦД во јануари 2022 година, а до сега ја усогласила поголемиот дел од законодавството и стандардите со правилата на организацијата. Влезот се очекуваше првично за 2025 година, но сега се поставува прашањето дали актуелните глобални политички конфликти ќе го успорат тој план.
Со Хрватска, за членство во ОЕЦД моментално преговараат уште две земји-членки на ЕУ, Бугарија и Романија, како и земји од Јужна Америка, Бразил, Аргентина и Перу.