Деновиве, во вториот годинашен број, реномираното мултикултурално списание „Lamed“ со седиште во Израел, е објавен расказ на нашиот писател Томислав Османли. Станува збор за електронско списание покренато на 1. Јануари 2008 година, чијшто главен уредник е истакнатиот белградски автор Иван Л. Ниниќ кој одамна веќе живее и работи во градот Нетанија, во Израел. Lamed излегува двојазично; месечно на српски јазик, а со четири броеви годишно и на англиски јазик, како „Lamed-E”.
Објавената проза на македонскиот писател, е дел од неговата широко афирмирана прозна збирка јудео-балканси раскази и новели насловена „Светилка за Ханука“. Таа за прв пат е публикувана 2008 година, па и самата е современик на списанието во кое сега, по внимателен избор на уредникот, деновиве е објавена новелата „Рабинот и искуството на жртвувањето“.
Новелата го следи внатрешното дијахрониско доживување на еден фиктивен лик, рабин на Монастирлитската или Битолската синагога од Њујорк, при неговиот лет од тој америкнски магалополис до Ерусалим и претставуваа соочување на еден образуван духовник свртен кон книгите, со самото искуство на животот кое го следи и низ животот, а изненадувачки ќе го дочека и на неговата крајна патувачка дестинација.
„Рабинот и искуството на жртвувањето“ е новела полна со историски податоци за смената на бурните времиња и во сефардска Битола и во библиската историја на Ерусалим знаменитите имиња на учените духовници од македонскиот град, автори на теолошки расправи и толкувања на светите книги, но и на прашањата што жестоко ги наметнува самиот живот. Во неа суптилно се подвлекува разликата меѓу благородните учења на доктрините и фактите на самата тревожна, интимна но и политичка реалност.
Прозите од оваа прозна книга на Османли се преведени на голем број јазици и во повеќе средини, од Америка и Полска, до Србија, Хрватска, Белгија, Грција и Аргентина. Книгата на Османли покрај на големата регионална средба на еврејските општини од поранешна Југославија „ Limud Keshet“ во Суботица, подеднакво успешно беше претставена на биеналниот книжевен фестивал „Kisufim“ во Ерусалим кој поканува истакнати авторски имиња од светот. Објавената проза во „Lamed“ е најновата афирмација и на самата прозна збирка. Инаку во електронското списание во текот на неговите осумнаесет години постоење текстови објавувале врвни имиња на светската и регионалната литература, теорија и есеистика, од Амон Оз, Људмила Улицкаја, Давид Гросман, Пол Остер, Орхан Памук, Филип Рот, Наоми Клајн, Предраг Финци, Фарид Закариа, Славој Жишек до истакнатите регионалните автори како Данило Киш, Давид Албахари, Дарко Главан, Ана Шомло, Миљенко Јерговиќ, Даша Дрндиќ, Владимир Арсениќ, Јован Николаидис и голем број други истакнати творци од регионот и од светот.
Во најновиот број на „Lamed“, покрај Томислав Османли, со свои прози и анализи се застапени Јовица Аќин, Владимир Тодоровиќ, Јелена Н. Арсенијевиќ Митриќ и Нилс А. Хојг, Алан Дершовиц, Бранко Кукиќ, Ајелет Гунар Гошен. Прозата „Рабинот и искуството на жртвувањето“ е прв прилог од македонски автор објавен во електронското списание. Во догледно време истото електронско списание ќе објави проза од македонскиот автор и во своето издние на англиски јазик.
Инаку, списанието е именувано според хебрејската буква lamed (ל) чија нумеричка вредност е 30 што е темпото на публикување на месечното издание на мултикултурното списание. Еврејска буква ламед е основата на старогрчката буква ламбда (λ) и последнователно на буквата „L“ на латинската абецеда и на другите од неа изведени азбуки. „Lamed“ е списание на теми врзани за судбината и контроверзиите врзани за еврејството, но со најширок меѓународен опфат и со либерална ориентација и го носи поднасловот „списание за љубопитните“ при што главниот уредник Иван Л. Ниниќ истакнува дека „Ставовите во написите не секогаш се совпаѓаат со мислењето на уредникот на Ламед“.