Протестите на синдикалците се радикализираат : Блокади на Собранието, Владата

ССМ започнува радикална фаза со блокади на Собранието, Владата и работодавачите, барајќи намалување на функционерските плати и зголемување на минималната плата на 600 евра.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска во 11 часот ќе достави официјална иницијатива до Собранието за измени и дополнувања на Законот за плата и други надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица, со што формално започнува втората фаза од синдикалните активности најавени од раководството на ССМ.

Со оваа фаза, ССМ влегува во период на радикализирани протести и таргетирани блокади, чија цел, како што велат од синдикатот, е да се парализира нормалното функционирање на институциите и директно да се соочат носителите на одлуки со работничките барања. Активностите ги предводи претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Според најавениот план, на 10 февруари ќе биде блокирано Собранието, при што на пратениците ќе им биде оневозможен пристап со возила, како и наплатата на патни трошоци. На 12 февруари блокадите ќе продолжат пред Стопанската комора, Сојузот на стопански комори и Организацијата на работодавачи, додека на 17 февруари е планирана блокада на Владата, при што министрите и премиерот Христијан Мицкоски ќе мора пеш да минуваат покрај насобраните работници.

Од ССМ посочуваат дека ваквиот пристап има за цел да изврши директен притисок врз функционерите и да го потенцира социјалниот јаз меѓу политичката елита и работниците кои, според синдикатот, живеат со најниски примања во регионот.

Иницијативата што ССМ ќе ја достави до Собранието предвидува основицата за пресметка на платите на функционерите да биде минималната, наместо просечната плата. Според пресметките на синдикатот, ова би значело намалување на функционерските примања за околу 40 проценти. Доколку пратениците не ја прифатат иницијативата до 10 февруари, ССМ најавува собирање 10.000 потписи со што ќе стане овластен предлагач на законските измени.

ССМ оценува дека овој потег е тест за политичката волја и солидарноста во услови на економска и социјална криза, особено ако се земе предвид фактот дека примањата на функционерите во изминатите две години значително се зголемија.

Јазот меѓу синдикалните барања и позицијата на Владата останува голем. ССМ бара итно зголемување на минималната плата на 600 евра, како и линеарно зголемување од 100 евра за сите останати плати. Наспроти тоа, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши го брани владиниот модел на постепен раст, кој предвидува кумулативно зголемување од околу 40 проценти до 2028 година, со годишни корекции од 7 до 8 проценти. Синдикатот оценува дека ваквата динамика не одговара на реалните трошоци за живот и инфлацијата.

Во меѓувреме, ССМ не ја исклучува можноста за Генерален штрајк доколку во рамките на Економско-социјалниот совет не се постигне итен договор.

Паралелно, синдикатот УПОЗ води одделни преговори со Владата. Премиерот Христијан Мицкоски понудил зголемување на платите во јавната администрација за 40 проценти во рок од две години, но под услов да се укине Општиот колективен договор. Овој предлог е категорично одбиен од синдикатите, кои предупредуваат дека укинувањето на договорот би значело губење на стекнати права загарантирани со Уставот и Законот за работни односи.

Според проценките на ССМ, ваквиот чекор би довел до реално намалување на платите за 21,8 проценти за повеќе од 130.000 вработени во јавниот сектор, што дополнително ги продлабочува социјалните тензии и ја става Владата под силен притисок.

Извор ССМ

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни