Вечерва се одржуваат нови протести на демонстранти, опозициски активисти, граѓани и студенти во блокада во Нови Сад и Ниш. Собирот во Нови Сад започна во 20 часот пред зградата на Ректоратот, додека во Ниш протестот започна еден час подоцна.
Протестите продолжуваат и денес, откако синоќа беа организирани демонстрации во повеќе градови низ Србија, вклучувајќи ги Валево, Белград, Книќ, Пожаревац, Чачак, Врање, Горни Милановац и Лесковац.
Најсериозни инциденти се забележани во Валево, каде демонстрантите запалија и демолираа простории на Српската напредна партија (СНС), лоцирани во станбена зграда. По фрлање на пиротехника, бакли и шишиња со запаллива течност, изби пожар на првиот кат од зградата. Подоцна беше запален и влезот на Градската управа, а демолирана е и зградата на Обвинителството, како и еден приватен угостителски објект.
Во Белград повторно дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите, кои користеле пиротехнички средства, камења и други предмети. Полицијата одговорила со солзавец, по што демонстрантите се разотишле. Инциденти имаше и во Нови Сад.
Во Валево, еден жандар бил повреден, а според министерот Ивица Дачиќ, уапсени се 38 лица.
Во Ниш се приведени пет лица поради сомнение дека подготвувале напад врз просториите на СНС. Кај нив биле пронајдени пиротехнички средства подготвени за напад врз полицијата, јавуваат српските медиуми.
Протести вечерва низ Србија
Во Нови Сад, колоната демонстранти од Ректоратот се упати кон зградата на судот и обвинителството, а потоа продолжија кон МВР на улицата Пап Павле. Протестна прошетка се одржува и во Пожаревац, каде демонстрантите и симпатизери на СНС стојат едни спроти други пред просториите на партијата.
Во Белград, демонстрации се одржуваат и на Вождовац, каде се собрани и бајкери пред полициската станица. Еден од нив бил повикан на информативен разговор, по што е задржан во притвор.
Во Ниш, демонстрантите се собраа пред Полициската управа, но полицијата ги блокира сите улици што водат до објектот. Студентите повикаа на протест по приведувањето на нивни колеги. Присутни се и народни пратеници, како и лидери на опозициски движења, меѓу кои Сава Манојловиќ од „Крени-Промени“ и Ѓорѓе Станковиќ од Народниот покрет на Србија.
Во текот на протестите, демонстрантите скандирале навредливи изрази кон полицијата.
Ситуацијата засега е тензична, а повеќе градови остануваат под силно полициско присуство.