Продолжуваат протестите во САД по убиството поврзано со ICE, второ за помалку од еден месец

Демонстрации се одржаа во Минеаполис и други американски градови по смртта на 37-годишниот Алекс Прети, за која се инволвирани федерални имиграциски агенти.

Во Минеаполис и други градови низ САД продолжија протестите поради постапките на агентите на Американската имиграциона служба (ICE), кои минатиот викенд го убија 37-годишниот Алекс Прети. Ова е второ убиство во помалку од еден месец во кое се инволвирани агенти на ICE, откако администрацијата на Доналд Трамп ја засили борбата против нелегалната имиграција.

Гувернерот на Минесота, Тим Волц, изјави дека САД се наоѓаат на „пресвртна точка“ и повторно побара федералните имиграциски агенти да бидат повлечени од Минеаполис.

Претседателот Трамп возврати со повик гувернерот да „ги предаде сите криминални нелегални странци“ кои се наоѓаат во државните затвори, со цел нивна депортација.

Началникот на полицијата во Минеаполис, Брајан О’Хара, изјави за BBC дека федералните агенти ги спречиле државните службеници да пристапат до местото на пукањето, иако тие имале судска наредба за претрес. Тој додаде дека ваквиот развој на настаните ја отежнува работата на локалните агенции и тековните истраги.

Во интервју за The Wall Street Journal, Трамп навести дека би можел да ги повлече агентите на ICE од областа на Минеаполис, но не прецизираше временска рамка. „Во одреден момент ќе си заминат. Тие завршија феноменална работа“, изјави тој.

Спротивставени тврдења за убиството

Законодавците остануваат поделени околу убиството на Прети и околу неговото право на носење оружје, гарантирано со Вториот амандман на Уставот на САД.

Агентите на ICE тврдат дека Прети имал пиштол и се спротивставувал на апсењето. Трамп на платформата Truth Social објави фотографија од пиштол за кој тврди дека бил пронајден кај Прети и напиша: „За што станува збор овде? Кој уште носи оружје на протест?“.

Администрацијата на Трамп го опиша Прети како „домашен терорист“, што неговите противници и критичарите на ICE го оспоруваат. Тие тврдат дека Прети не извадил оружје и дека агентите постапиле прекумерно и брутално.

Сведоци, локални функционери и семејството на жртвата изјавија дека Прети во раката држел мобилен телефон, а не пиштол. Началникот на полицијата во Минеаполис потврди дека Прети имал дозвола за носење оружје и дека, освен неколку сообраќајни прекршоци, немал криминално досие.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни