Протестите кои во изминатите денови го зафатија Иран, по сè изгледа дека се значително намалени, по една недела интернет-блокада и насилна репресија од страна на властите, јавува Associated Press. Според податоци на организации за човекови права, во акциите на безбедносните сили загинале најмалку 2.615 лица.
Сведоци од Техеран за AP изјавиле дека во последните утра нема видливи знаци од ноќните немири кои претходно беа секојдневие – како запалени објекти, урнатини или барикади. Исто така, според нивните сведоштва, престанала и интензивната пукања што се слушале во текот на неколку последователни ноќи.
Државните медиуми во Иран информираа за нови бранови апсења, насочени кон лица кои режимот ги означува како „терористи“ – термин што иранските власти често го користат за демонстрантите. Правосудната новинска агенција „Мизан“ ја пренесе изјавата на министерот за правда Амин Хосеин Рахими, кој изјави дека „од 8 јануари се води вистинска војна“ и дека „секој што учествувал на собир по тој датум е криминалец“.
Во меѓувреме, Советот за безбедност на Обединетите нации закажа итна седница за состојбата во Иран, на барање на Соединетите Американски Држави. Состанокот следи по изјавите од Техеран со кои се обидува да се намали ескалацијата, но и по заканите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави можни чекори за спречување на понатамошни убиства на демонстранти, вклучително и егзекуции на приведените.
Паралелно со тоа, дел од персоналот во клучна американска воена база во Катар добил препорака за евакуација, додека Амбасадата на САД во Кувајт нареди привремено запирање на патувањата на својот персонал кон повеќе воени бази во таа земја.
Развојот на настаните укажува на привремено смирување на протестите на терен, но и на натамошна интернационализација на кризата, со зголемена дипломатска и безбедносна активност околу Иран.
