Бројот на загинати во протестите во Иран се искачи на 646

Над 10.700 лица уапсени, а земјата била без интернет повеќе од 100 часа, според организација за човекови права

Бројот на загинати лица за време на протестите во Иран е зголемен на 646, соопшти американската организација Human Rights Activists (HRANA), која ги следи состојбите со човековите права во земјата.

Според податоците на организацијата, вкупно 10.721 лице се уапсени до 16-тиот ден од националните протести што ја потресуваат земјата. Во извештајот дополнително се наведува дека Иран бил без интернет повеќе од 100 часа, што сериозно ја отежнало комуникацијата и пристапот до информации.

Протестите започнаа на 28 декември на Големиот базар во Техеран, како реакција на наглиот пад на вредноста на иранскиот ријал и влошените економски услови. Демонстрациите подоцна се проширија и во други градови низ земјата.

Иранските власти ги обвинија Соединетите Американски Држави и Израел дека стојат зад, како што ги нарекоа, „вооружени насилници“, за кои тврдат дека извршиле повеќе напади на јавни места низ земјата.

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека неговата администрација „внимателно ја следи ситуацијата во Иран“ и разгледува, како што рече, „многу силни опции“, поради постојаниот раст на бројот на жртви.

Во понеделникот, Трамп најави дека секоја држава што остварува трговија со Иран ќе биде погодена со царина од 25 проценти на целокупната трговија со САД. Во објава на својата социјална мрежа Truth Social, тој додаде дека „оваа наредба е конечна и обврзувачка“, без да приложи формална документација или да го објасни правниот основ на ваквата мерка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни