ССМ повикува на масовен протест во Скопје: Работниците бараат минимална плата од 600 евра

Сојузот на синдикати на Македонија повика на масовен протест во Скопје со барање минималната плата да се зголеми на 600 евра.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави голем работнички протест кој утре ќе се одржи во Скопје пред Работничкиот дом. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ги повика работниците од целата држава да се приклучат на протестот, нагласувајќи дека главното барање останува зголемување на минималната плата на 600 евра и раст на сите работнички плати за 6.000 денари.

Протестот ќе започне во 12:05 часот, а од синдикатот очекуваат голем одѕив од различни сектори. Трендафилов упати повик до работниците од јавниот сектор, текстилната индустрија, Министерството за внатрешни работи, Армијата, но и до младите и пензионерите да се приклучат на протестот. Според него, без повисоки плати нема стабилен пензиски систем ниту услови младите да останат во земјата.

„Работниците немаат потреба да се плашат затоа што не му должат на никого ништо. Газдите и Владата пред само еден ден покажаа дека се против работниците бидејќи странските газди и дале поддршка на Владата за незголемување на минималната плата, а македонската влада на штета на македонските работници им ветила на странските газди дека нема да ја зголемува минималната плата надвор од законското усогласување за срамни 1 667 денари“, вели тој.

Посочи дека вредноста на синдикалната минимална кошница во последните 24 месеци е зголемена за повеќе од 10 илјади денари.

„Барањето за зголемување на минималната плата за 200 евра е оправдано затоа што работниците во Македонија тонат во сиромаштија. Според податоците на Управата за јавни приходи, 160 илјади работници имаат плата под 31 200 денари или под прагот на сиромаштија“, кажа Трендафилов.

Тој ги повика работниците да излезат на улица и да покажат дека не се плашат и дека бараат повисоки плати.

„24 месеци се обидуваат да зборуваат за политика, не за плата, 24 месеци им зборуваме за плата, а не за полтика. Работниците не живеат од политика, туку од плата. Тие што живеат од политика да не доаѓаат на протест, но тие што живеат од плата да дојдат и заедно ќе им покажеме дека можеме да се избориме за повисоки плати. Ако 160 илјади работници излезат на улица минималната плата ќе биде многу повеќе од 600 евра затоа што оваа Влада се плаши од луѓето што ќе излезат на улица и што ќе покажат дека се незадоволни од лошите владини политики и политиките кои ги водат газдите“, рече претседателот на ССМ.

Според него, најголем дел од пратениците не гласале за зголемување на минималната плата и другите плати, со што бил спречен растот на работничките примања.

Трендафилов повторно упати апел до сите работници да се приклучат на протестот, нагласувајќи дека колку повеќе луѓе ќе излезат на улица, толку се поголеми шансите за повисоки плати.

„Колку работници ќе видат на улица, на толку ќе дадат зголемување на платите. Ако излезат 20 илјади, работите ќе почнат да се менуваат, ако излезат повеќе, работите уште повеќе ќе се променат,“ кажа тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни