Протестот против Трамп – најголем во историјата на Америка

Според проценките на организаторите, протести се одржаа на повеќе од 2.000 локации, а вкупно учествуваа меѓу 4 и 6 милиони луѓе, што според некои проценки го прави ова најголемиот дневен протест во историјата на САД.
epaselect epa12176290 US military vehicles drive over the Memorial Bridge during a military parade commemorating the 250th anniversary of the United States Army in Washington, DC, USA, 14 June 2025. The parade, which happens to coincide with US President Donald Trump’s 79th birthday, is expected to cost up to $45 million and feature 6,600 soldiers, 50 helicopters and 60-ton M1 Abrams battle tanks. EPA-EFE/ALLISON DINNER / POOL

Соединетите Американски Држави ја одбележаа 250-годишнината од основањето на американската војска со голема воена парада во Вашингтон, но прославата беше засенета од бран протести низ целата земја против актуелниот претседател Доналд Трамп, чииот 79. роденден се совпадна со истиот ден.

Иако Трамп со години најавуваше желба за воена парада како демонстрација на американската моќ, вчерашната прослава предизвика остри критики. Противниците тврдат дека вооружените сили се користат во политички цели и дека тоа претставува опасно отстапување од демократските норми.

Најголем дневен протест во историјата на земјата
Како одговор, беше организирано движењето „No Kings“ – како знак на отпор кон, како што наведуваат, авторитарните тенденции на Трамп.

Според проценките на организаторите, протести се одржаа на повеќе од 2.000 локации, а вкупно учествуваа меѓу 4 и 6 милиони луѓе, што според некои проценки го прави ова најголемиот дневен протест во историјата на САД.

Главниот протест се одржа во Филаделфија, симболично избрана поради својата историска поврзаност со американските идеали за слобода. Полицијата извести дека протестите во поголемиот дел од градовите поминале мирно. Во Калпепер, Вирџинија, еден маж беше уапсен откако се обидел со возило да влета во група демонстранти – за среќа, никој не е повреден.

Во Лос Анџелес се собраа неколку илјади луѓе, а меѓу највпечатливите симболи беше и огромен балон со ликот на Трамп во пелени. Во Анкориџ, Алјаска, протестот носеше слоган: „Единствениот крал што го сакаме е кралот-лосос“.

Коалицијата зад протестот „No Kings“ вклучува повеќе од 200 организации, меѓу кои MoveOn, Американската унија за граѓански слободи (ACLU), синдикати на наставници и работници во комуникации. Активистите истакнаа дека владеењето на претседателот добива фашистички обележја, а многумина ги исклучиле своите мобилни телефони и избегнувале објави на социјалните мрежи поради страв од надзор и одмазда.

Протестите се кулминација на сè поинтензивниот отпор кон политиките на Трамп во неговиот втор мандат, особено по неодамнешното испраќање на 4.000 припадници на Националната гарда и 700 маринци во Лос Анџелес, и покрај противењето на гувернерот на Калифорнија.

Ден пред парадата, полицијата на американскиот Конгрес уапси 60 лица кои се обидоа да ги пробијат барикадите и да се приближат до зградата на Капитол. Обвинети се за незаконско собирање и попречување на полицијата.

Белата куќа во меѓувреме ја минимизираше важноста на протестите, додека директорот за комуникации на Трамп, Стивен Чеунг, изјави дека на парадата имало повеќе од 250.000 луѓе и дека протестите „No Kings“ биле „пропаднати“ со „мизерна посетеност“. Сепак, податоците укажуваат дека посетеноста на Трамповата парада била далеку помала од очекуваното – се проценува дека во самиот Вашингтон немало повеќе од 20.000 луѓе.

Аналитичарите тврдат дека обемот и распространетоста на протестите укажуваат на сè поголем отпор кон политиките на Трамп, што далеку го надминува интензитетот на протестите од неговиот прв мандат. Од јануари до денес, низ САД се одржани повеќе од 15.000 протести против неговата администрација – три пати повеќе отколку во истиот период во 2017 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни