Трактори и организирани конвои од цела Грција денес, 13 февруари 2026 година, пристигнуваат во центарот на Атина на масовен протест пред Хеленскиот парламент. Собирот е закажан на Плоштадот Синтагма, со пристигнување околу 15:00 часот и главен митинг во 16:00 часот.
Според најавите на организаторите, земјоделците ќе останат на плоштадот во текот на ноќта, а организираното повлекување е планирано до пладне во сабота, 14 февруари.
Барањата на фармерите, како што соопштуваат, остануваат исти во изминатите месеци: намалување на трошоците за производство, гарантирани цени за земјоделските производи, измени во правилата на државниот осигурителен систем ЕЛГА и целосна компензација за загубите на културите. Земјоделците тврдат дека овие прашања биле разгледувани и на средбите со премиерот Киријакос Мицотакис, но дека не е постигнато решение што би довело до надминување на кризата.
Протестот добива и поширок социјален контекст. Синдикатите кои претходно закажаа протест на истата локација против владиниот закон за колективни договори најавија дека ќе останат на Плоштадот Синтагма и ќе дадат поддршка на земјоделците. Така, центарот на Атина денес е место на два паралелни протести.
Грчките власти воведоа сообраќајни ограничувања во централните делови на градот и на главните правци во регионот Атика. Се очекуваат гужви на влезовите во Атина и на околните магистрални патишта. Според грчките медиуми, дел од земјоделците пристигнуваат организирано со автобуси, додека тракторите во одредени случаи се транспортираат со камиони за да се контролира движењето низ градските улици.
Организаторите најавуваат дека ќе останат на локацијата до сабота напладне. Засега нема официјална најава од владата за дополнителни мерки или нова рунда разговори.