Астрономите пронашле неверојатно редок, целосно формиран “Ајнштајнов прстен” – феномен кој што Алберт Ајнштајн го предвидел пред повеќе од 100 години. Вселената ретко прикажува нешто толку блиску до совршенството како овој запрепастувачки прстен светлина.
Сјајниот круг настанува кога светлината од далечна галаксија удира во друга галаксија, поблиску до Земјата, наречена NGC 6505. Гравитациската сила на NGC 6505 ја извитоперува светлината околу себе, создавајќи ефект сличен на ореол.
Само неколку целосни Ајнштајнови прстени биле досега забележани од Земјата, бидејќи за нивно формирање е потребно совршено порамнување на две галаксии и нашата планета, за да се добие целосен круг, пишува “Дејли Мејл”.
Сликата, објавена од Европската вселенска агенција, добиена преку вселенскиот телескоп “Еуклид”, го прикажува феноменот што Ајнштајн го предвидел уште во 1915 година.
Во едно од своите писма, опишал како гравитационото поле на масивен објект, како што е галаксија, може да ја извитопери структурата на просторот, принудувајќи ја светлината да патува по закривена патека. Овој ефект е познат како гравитациона леќа, а Ајнштајновиот прстен е еден од неговите највпечатливи примери.
Стивен Сарџент, професор по астрономија на Отворениот универзитет и коавтор на истражувачкиот труд за Ајнштајновиот прстен, изјави:
“Овој Ајнштајнов прстен е запрепастувачки, толку совршен што изгледа како симулација. Неверојатно е што галаксијата NGC 6505 беше откриена уште 1884. година, а ние дури сега го забележавме овој фасцинантен феномен што бил пред нашите очи повеќе од еден век.”
Прстенот е речиси совршено кружен благодарение на совршеното порамнување на галаксиите. Исто така е исклучително светол и остар, со минимално замаглување на рабовите на сликата. Вакви прстени и други галаксии кои ја извитоперуваат светлината помагаат на астрономите да стекнат драгоцени увиди во темната материја и темната енергија во вселената.
Ајнштајновата најчудна претпоставка станува стварност?
Поголемиот дел од гравитационите леќи имаат многу мал ефект, при што светлината од далечни галаксии создава само ситни светлосни точки на ноќното небо. Сепак, кога гравитационото привлекување е доволно силно, а две галаксии се совршено порамнувани, повеќе зраци светлина поминуваат и формираат закривени линии кои се спојуваат во прстен.
Новооткриениот Ајнштајнов прстен предизвикал посебно воодушевување бидејќи е прилично редок, необично светол, релативно близу до Земјата и снимен во висока резолуција, што претходно не било можно. Астрономите се возбудени поради ова и други примери на гравитационо сочиво, бидејќи тие овозможуваат подобро разбирање на темната вселена.
Темната вселена опфаќа мистериозни 95% од вселената, кои не се планети, ѕвезди, астероиди, прашина или гас. Се состои од темна материја, непознат материјал со гравитационо дејство и темна енергија – сила која го забрзува проширувањето на вселената.
Новооткриениот феномен дополнително потврдува дека поголемиот дел од типичната галаксија, вклучувајќи ја NGC 6505, го сочинува темната материја, бидејќи е потребна голема гравитациона сила за да се извитопери светлината во облик на прстен. Овие податоци ќе помогнат на телескопот “Еуклид” во создавањето на тродимензионална мапа на повеќе од една третина од небото.
Гравитационата леќа исто така игра клучна улога во разбирањето на проширувањето на вселената, кое започнало со Големата експлозија и се одвива побрзо отколку што се очекувало. Научниците сметаат дека темната енергија го забрзува ова проширување и ги оддалечува галаксиите една од друга.
Раздалеченоста меѓу двете галаксии кои го создале Ајнштајновиот прстен може да помогне во проучувањето на ефектот на темната енергија. Ова е важно бидејќи според некои теории, темната енергија во далечната иднина може да доведе до големо расцепување, при што вселената буквално ќе се распадне.
Светлината која го формира овој Ајнштајнов прстен доаѓа од галаксија која е оддалечена неверојатни 4,42 милијарди светлосни години. Оваа галаксија досега немала име, бидејќи никогаш не била забележана.
Феноменот на гравитационата леќа овозможил нејзиното откритие – светлината од далечната галаксија наишла на NGC 6505 и била извитоперена во облик на прстен. Овој ефект, наречен по леќата на човечкото око, делувал како микроскоп кој ја зголемил светлината на далечната галаксија и ја направил видлива.
Светлината од далечната галаксија обично би формирала овален облик, но гравитационото привлекување на NGC 6505 ја сплескува во совршен прстен. Тоа се случува бидејќи гравитацијата ја извитоперува структурата на просторот, позната како “простор-време”, па светлината, која инаку би патувала праволиниски, се искривува.