Индонезиските власти соопштија дека ги пронашле остатоците од авионот што исчезна во саботата во покраината Јужен Сулавеси во близина на планина обвиткана со магла. Авионот, изнајмен од Министерството за поморски работи и рибарство на Индонезија, превезувал осум членови на екипажот и тројца патници.
Локалните спасувачи рано утрово ги пронајдоа остатоците од авионот на различни локации околу планината Булусараунг во регионот Марос, изјави претставникот на агенцијата за спасување на Јужен Сулавеси, Енди Султан, според Ројтерс. Потрагата по 11-те лица во авионот сè уште е во тек.
Енди Султан рече дека остатоците биле видени од хеликоптери кои го барале исчезнатиот авион и дека спасувачите биле распоредени околу областа каде што биле пронајдени остатоците.
Тој додаде дека Националниот одбор за безбедност на сообраќајот на Индонезија ја истражува причината за несреќата.
ATR 42-500, во сопственост на Индонезиската група за воздушен транспорт, вчера изгуби контакт со контролата на воздушниот сообраќај во близина на регионот Марос во Јужен Сулавеси.
Авионот, изнајмен од Министерството за поморски работи и рибарство на Индонезија, превезувал осум членови на екипажот и тројца патници, сите вработени во министерството.
Шефот на агенцијата за спасување на Јужен Сулавеси, Мухамед Ариф Анвар, изјави за локалната телевизија дека по пронаоѓањето на остатоците, спасувачите ќе распоредат 1.200 луѓе за да ги бараат исчезнатите патници и екипаж, и дека „приоритет е потрагата по жртвите“.
Авионот бил на пат кон Макасар, главниот град на Јужен Сулавеси, откако полетал од покраината Јогјакарта пред да се изгуби контактот.