На 10 ноември (понеделник) од 20:00 часот во Бифе МКЦ ќе се одржи промоција на романот „Фобос“ од Соња Станковска. Романот е објавен како книга бр. 240 во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или.
Настанот ќе го води уредникот Ненад Стевовиќ, а книгата пред присутните ќе ја претстави писателката Фросина Пармаковска.
Во романот „Фобос“, Соња Станковска ги истражува различните лица на стравот – не само како чувство, туку и како систем, глас, архетип и алгоритам. Структуриран како куќа со три „ката“ и составен од девет тематски раскази, романот е експериментален жанровски хибрид што комбинира фикција, алегорија, дигитална сатира, критичка теорија и филозофски рефлексии.
На првиот кат, стравот се појавува преку општествените очекувања, медиумските клишеа и културните стереотипи. Вториот кат го прикажува технолошкиот аспект на стравот, кој станува код и дел од систем без емоција, но со моќ. На третиот кат, стравот е интимен, впишан во нашите неуспеси, спомени и надежи.
„Фобос“ не е само роман, туку и концептуален простор во кој читателот се соочува со сопствените, колективните и културно моделираните стравови. Со храбра стилска постапка и слоевит пристап, Станковска создава современ роман кој предизвикува размислување за тоа како живееме, што нè плаши и зошто.
Писателката Фросина Пармаковска за романот изјавува дека „Фобос“ е уникатен пример на комплексен хибриден текст кој поставува значајни прашања за човекот и светот, нудејќи бескрајно духовити, игриви и егзистенцијални приказни.
Соња Станковска (1977, Охрид) е архитект и дизајнер, но пред сè раскажувач на приказни. „Фобос“ е нејзина прва објавена книга, која гради светови од линии, простори и зборови.
