„Оние работи“ претставува збирка есеи во кои Жмак се занимава со теми за кои општеството често молчи: женското тело, сексуалноста и интимноста, но и прашања поврзани со родовиот идентитет, сексуалната ориентација, менструацијата, мастурбацијата, невиноста, сексот, телесните норми и гинекологијата. Наместо да ги третира овие теми како скандалозни или провокативни, авторката им пристапува отворено, и истражувачки, комбинирајќи лични искуства со современа сексолошка литература, вградувајќи во текстот препознатлив феминистички светоглед.

Уредничка на изданието е Грација Атанасовска, а преводот од хрватски на македонски јазик е на Мања Величковска и Фросина Крушкаровска. Книгата ќе биде претставена од писателката и професорка Румена Бужаровска, по што ќе следи разговор со авторката, преведувачките и уредничката на македонското издание Оваа книга е второ издание во новата едиција на Тиииит! Инк. – „VaginaDentata“, чија главна уредничка е Јана Коцевска.
Стилот на Жмак е динамичен, интелектуално прецизен и духовит, а есеите отвораат прашања кои честопати се потиснувани во јавниот дискурс. Пишувајќи за телесноста и сексуалноста како дел од пошироки општествени и културни процеси, авторката ја афирмира идејата дека интимното е неизбежно политичко, а тишината околу „оние работи“ е дел од системски механизам на контрола и срам.

Јасна Јасна Жмак е драматургина, писателка и сценаристка, која работи како доцентка на Академијата за драмска уметност во Загреб. Таа е авторка на бројни книжевни и научни изданија. Се издвојува во современата регионална уметничка и интелектуална сцена со храбриот пристап кон темите како авторство, род, сексуалност, уметничка одговорност и репрезентација.
Како дел од едицијата „Vagina Dentata“, изданието на Жмак се надоврзува на пошироката заложба на Тиииит! Инк. да создаде простор за книжевни и теоретски текстови кои го отвораат прашањето за телото, сексуалноста и женското искуство на радикално различен начин – слободен од срам и со јасна политичка и културна свест.
