Промоција на „Етнолошки и антрополошки лексикон на Македонија: Личности и дела“

Публикацијата е резултат на повеќегодишен истражувачки напор започнат во 2022 година на Институтот за етнологија и антропологија

На 10.12.2025 (среда) во 11 часот на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје (долна зграда на ПМФ) ќе се одржи промоција на капиталното издание „Етнолошки и антрополошки лексикон на Македонија: Личности и дела“. Промотори ќе бидат проф. д-р Лилјана Макаријовска, дописен член на МАНУ и м-р Елизабета Конеска, кустос-советник. Промоцијата ќе ја отвори Ректорката на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, проф. д-р Биљана Ангелова.

Публикацијата е резултат на повеќегодишен истражувачки напор започнат во 2022 година на Институтот за етнологија и антропологија. Лексиконот содржи околу 150 единици на над 750 страници што ги опфаќаат биографиите и делата на домашни и на странски етнолози и антрополози што оставиле белег во развојот на дисциплините. Со тоа се создава прва систематизирана целина што обезбедува преглед на повеќедецениската научна продукција и истражувачка традиција во Македонија од овие области. 

Потребата од вакво дело произлегува од недостигот на интегриран преглед за личностите и институциите што ја граделе дисциплината, од зголемениот број истражувачи и публикации во последните децении, како и од неопходноста за интернационализација на македонската етнологија и антропологија преку поврзување со странските научни традиции. Раководител на проектот е проф. д-р Љупчо С. Ристески, а во подготовката на единиците учествуваа сите вработени на Институтот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни